ДЕЛЧЕВО: „Маршал Тито“ реконструирана улица

Делчево, 03.07.2018

Во Делчево заврши реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ која во центарот на градот. Во рамките на овој проект изградена е и атмосферска канализација во должина од 177 метри и целосно поставување нов асфалт во должина од 340 метри.

Денеска увид во завршните работи направи градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој истакна дека со завршување на реконструкцијата на оваа улица се реши долгогодишен проблем на најфреквентната улица во центарот на градот.

DSC_0108_resize-Задоволство ми е што денеска можам да истакнам  дека завршија градежните работи на улицата „Маршал Тито“. Изминатиов месец и согласно со предвидениот рок, овде се решаваше долгогодишниот проблем и на возачите и на пешаците, но и на сопствениците на деловни објекти и станари од околните згради. Верувам дека овие градежни активности ќе придонесат за подобра безбедност во сообраќајот на една од најфреквентните улици во центарот на Делчево, но и ќе се придонесе во подобрување на изгледот и функционалноста на централното градско подрачје, истакна Трајковски.

Изградбата на улицата е дел од проектот „Општински рурални инвестиции“ во кој покрај реконструкцијата на ул „Маршал Тито“, беше предвидена реконструкацијата и на улиците „Питу Гули“ и „Светозар Марковиќ“. Средствата за реализација на овој проект се доделени на Општина Делчево од ЕУ во форма на ИПА- грант средства. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, администрирана од страна на Светска банка. Целта на оваа програма е подобрување на инфраструктурата во руралните области, односно подобрување на квалитетот на живот и мобилноста во Општина Делчево. Вкупниот износ на проектот изнесува 291.018 евра, 195.000 евра е грантот на ЕУ, кофинансирањето од националниот буџет е во износ од 65.000 евра и од општинскиот буџет во износ од 31.018 евра.

Инаку, наскоро  треба да започнат и градежните работи за дозавршувањето на реконструкцијата на улицата „Илинденска“ и изградбата на потпорниот ѕид. Средства за оваа активност во висина од околу 1,8  милиони денари се одобрени од Буџетот на РМ за 2018 година за поддршка и имплементација на декадата и стратегијата на Ромите. Исто така, Општина Делчево  доби 2 милиони денари од Буџетот на РМ за изградба на дел од локалниот пат Илиово-Турија, односно делницата  од с. Турија до с. Трстија, а градежните работи и за изградбата на оваа делница се очекува да започнат наскоро.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе