ДЕЛЧЕВО: Општината со подарок за Јована, првороденото бебе во општината

Делчево, 20.01.2022

Јована Димитровска, првороденото бебе во Општина Делчево во 2022 година, денеска, на денот на нејзиниот именден, го доби традиционалниот подарок од Општина Делчево, еднократен паричен износ од 10.000 денари. Јована е родена на 4 јануари на скопските клиники, тешка е 3.500 грама, а е долга 50 сантиметри. Јована е второ дете во семејството на Дејан и Катерина Димитровски.

Традиционално и оваа година, градоначалникот Горан Трајковски го предаде подарокот на родителите.

– Ми претставува посебно задоволство што денеска на овој убав празник, кога се слави св. Јован Крстител, го посетивме домот на првото новородено бебе во Делчево за 2022 година кое го носи името Јована. Воедно, на малата Јована ѝ го честитавме именденот, но испраќаме и желби за среќно и безгрижно детство и да донесе многу радост и гордост на семејството, но и на општината. Делчево се радува на секое новороденче, бидејќи добива нов жител. Првороденото во годината е предвесник на новата генерација дечиња кои се нашата иднина. Ја користам оваа прилика да им ја честитам радоста на родителите и да има посакам многу љубов и многу дечиња да им го развеселуваат домот, истакна Трајковски.

Општина Делчево дарува 10.000 денари на првороденото новороденче во годината чии родители живеат во Делчево, а согласно со информацијата од матичните гинеколози од Здравствениот дом и Службата за превенција и имунизација. Исто така, како една од социјалните мерки која значи поддршка на родителите кои добиле новороденче. Општина Делчево исплаќа по 3.000 денари еднократна парична помош. Минатата година по оваа основа се исплатени 262.999 денари за 85 новороденчиња во Општината.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе