Делчевскиот градоначалник со отчет пред граѓаните

Делчево, 09.11.2018

Горан Трајковски, градоначалник на Делчево денеска даде јавен отчет за својата работа и работата на актулената локална власт во изминатата година. Во продолжение ги донесуваме најважните акценти од отчетот на Трајковски.

-Почитувајќи го начелото за отчетно и транспарентно работење, денеска пред Вас ја презентирам мојата работа и работата на општинската администрација во изминатите 12 месеци, период во кој ја водам општината како градоначалник. Вашата доверба дадена на изборите пред една година ме обврзува и ме мотивира максимално да се вложувам и да барам решение за наталожените проблеми. Дванаесет месеци, го слушаме вашиот глас и вашите потреби и работам со мојот тим за да го изградам Делчево во модерна општина и општина по мерка на сите граѓани и континуирано да се создаваат услови за унапредување на квалитетот на животот на сите граѓани.

Јас би го оценил овој период од 12 месеци за успешен период на една општина, која долги години живее со блокирана сметка и општина чиј углед беше сериозно нарушен. Како нова локална власт, приоритет ни беа инфраструктурните проекти, за да донесеме развој и да кажеме „збогум“ на калливите улици и на со години запоставуваните инфраструктурни проблеми. Во овој период инвестирани се или се во тек на реализација околу 140 милиони денари во најразлични инфраструктурни проекти,  средства од општинскиот буџет, најразлични европски донатори и средства од централниот буџет на државата. Посебно сум горд што го потпишав договорот за најголемата донација воопшто од постоењето на Делчево, донацијата од Швајцарската Конфедерација и од Министертсвото за животна средина во висина од 7, 3 милиони швајцарски франци за реализација на најголемиот проект за изградба на прочистителна станица за вода за пиење во Делчево и со што го решаваме  актуелниот проблем и најголемиот проблем со квалитетот на водата за пиење во градот Делчево и во селата Габрово и Ѕвегор. Знаејки дека водата во иднина ке биде најскапоценото нешто во светот, сакам да истакнам дека сите проекти се битни што ќе ви ги спомнам,но реализацијата на овој проект е мојот животен сон од позиција на функцијата градоначалник на општина Делчево.

Дел од предвидените капитални проекти се започнати, но нивната дореализација ќе следува наредната година, согласно со динамиката на процедурата која сакаме и мораме да ја испочитуваме.

Изработивме проектно-техничка документација во вредност од  2.100.000 денари, за да бидеме подготвени за најразличните повици од донатори, аплициравме на многу повиции отпочнавме нови проекти. Работиме на транспарентност и отчетност, работиме да бидеме општина за сите граѓани. Во првата година над 1300 граѓани се примени од мене во редовниот термини за прием на странки, но и во текот на целата работна недела. Во овој период издадени се одобренија за 31 градба,од нив 8 за Општина Делчево за реализација на проектите. Одделението за урбанизам и заштита на животната средина во изминативе 12 месеци има донесено 130 решенија за легализација на бесправно изградени објекти.

За овие 12 месеци, Општина Делчево исплати над 4,3 милиони денари, односно  го измиривме со години стариот долг кон 13 пожарникари, ги исплативме заостанатите 14 паушали на советниците од претходниот состав и редовно ги исплаќаме сегашните паушали на советниците, ја исплативме првата рата од кредитот за доградба на детската градинка „Весели цветови“. Исто така, исплатена е и обврската на Општина Делчево за Локалните избори кон политичките партии во висина од 270.000 денари. За реконструкција на улици и патишта во оваа година исплативме вкупно 24.930.000 денари и тоа за изградба на локалниот пат Делчево-Вратиславци, како и за реконструкција на улиците „Маршал Тито“, „Светозар Марковиќ“ и „Питу Гули“ и пешачката патека Илин Камен градена во 2011.

Преку Источно планскиот регион се изборив за пешачки мост на река Брегалница, тендерот успешно се реализира и економскиот оператор има рок за изведба од девет месеци. Со овој мост граѓаните добиваат нов функционален премин преку реката Брегалница, кон детската градинка, училиштето „Ванчо Прке“, градската библиотека, автобуската станица и Општината.

Во рамките на проектот „Општински и рурални инвестиции“, ги реконструиравме најфреквентните улици во Делчево „Светозар Марковиќ“, „Питу Гули“ и „Маршал Тито“со вкупна должина од над 1,2 км., а ги изградивме и тротоарите на улиците. Изградивме и дел од локалниот пат  Илиово-Турија, делница од патот с. Турија- с. Трстија преку бирото за регионален развој,во должина од 400м.и вкупна вредност на инвестицијата од 2 милиони денари.

Завршува реконструкцијата на патниот правец с. Бигла-Виница кој беше „тесно грло“ во сообраќајната комуникација со останатиот дел од Македонија. Асфалтирани се околу 9 км и проширен е коловозот од 3 м на 5 метри.

Овде морам да ја истакнам и комплетната реконструкција на патниот правец Кочани – Делчево којшто е од огромно значење не само за граѓаните на општина Делчево туку и за граѓаните на Каменица, Пехчево, Берово, но и за сите граѓани на државата коишто го користат овој патен правец кон овие дестинации но и кон соседна република Бугарија.За реконструкцијата на овој патен правец сакам да изразам посебна благодарност кон ЈПДП и владата на Република Македонија.

Изградена е улицата „Илинденска“ заедно со потпорен ѕид, во пределот каде што живее претежно  ромско население во Делчево. Изработени се проекти за одделување на фекалната од атмосферската канализација во населби во Делчево. Проектирана е атмосферска канализација за населбите СРЦ, Шумски Расадник, ул.„Орце Николов“, и ул „Вера Јоциќ“, така што сите подготвителни работи се завршени и тендерот ќе го распишеме на почетокот на 2019 година.

Изградена е фекална канализација во населбата „Пролет“ во должина од 300 метри, реконструирана е водоводната инсталација во с. Габровово должина од 800 метри. Успешно е реализиран партнерскиот проект за енергетски ефикасно јавно осветлување и Општина Делчево штеди енергија од уличното осветлување и до 70%, а од друга страна во оваа година  за 20% го зголемивме бројот на електрични светилки во јавното осветлување. Ја заменивме старата дотраена електрична инсталација во старата општинска зграда.

Набавивме  цистерна за едно противпожарно возило во ТППЕ Делчево и пожарникарите ги опремивме со нови чизми.

Го исчистивме коритото на река Брегалница во централното градско подрачје.

Изработивме  проект за современ градски пазар, за кој токму денес  аплициравме по отворениот повик и се надевам дека е успееме да го добиеме.

Добивме  одобрение за градба на градската капела, а нејзината изградба  ќе стартува наредната година.

Прв пат по две децении во Општина Делчево извршивме санација и прочистување на пристапни патишта со земјен коловоз. Извршивме  санација, прочистување и порамнување на пристапни патишта со земјен коловоз во должина над 100 км.

На задоволство за сите земјоделци во с.Тработивиште, по две децении се исчистени и реконструирани  каналите за наводнување во тоа село.

Изработивме  проектно-техничка документација за изградба на улици во населбата Басарица,кој што проект го аплициравме и очекувам позитивен исход за да решиме голем проблем и за жителите од оваа населба.

Ќе потенцирам дека во партнерство со нво-секторот со кој имаме многу добра соработка,се изработени два значајни стратешки документи: Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор во општината и Стратегија за социјална заштита.

Привршуваме со  уредувањето на првиот мултикултурен и мултифункционален центар кој треба да придонесе за унапредување на учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните на Општина Делчево во креирањето на локалните политики.

Овде мора посебно да го потенцирам првиот Бизнис-форум кој го организираше Општина Делчево со цел да ги промовираме потенцијалите на Општината за развој и можностите за инвестиции пред 120 гости стопанственици, наши иселеници, но и од целата држава и од соседните земји и од Турција. Целта од форумот е остварена: се зголемува интересот за инвестиции во Делчево и очекувам во најскоро време и да се реализира дел од нив. Исто така, Општина Делчево, прв пат, беше презентирана надвор од Европа и во една од најбрзорастечките економии во светот – Кина, на Бизнис-самитот на Урбаната алијанса на патот на свилата. Делчево стана рамноправен член на Урбаната алијанса, а ефектите од зачленувањето на Делчево во оваа светска асоцијација, допрва ќе бидат видливи.

Успеавме да обезбедиме донации од шведска невладина организација во опрема и медицински помагала во износ од 300 илјади евра за потребите на Здравствениот дом „Гоце Делчев“ од Делчево.  Обезбедивме донација во опрема за детската градинка „Весели Цветови“ од бугарската Фондација „Бугарско сеќавање“ со чија соработка ќе се реализира во Делчево и Првиот семинар по роботика за млади информатичари.

Се грижиме и за културното и за природното наследство и нивна промоција и ставање во функција на туризмот, затоа повторно го враќаме стариот статус на Локалниот музеј „Пијанец“ и неговото официјално отворање, поради административните процедури, го најавувам за наредната година.

Посветено работиме и на проекти од културата,слушајќи го гласот на младите, успеавме по толку години во Делчево, да собереме илјадници гости на концертот на Џамбазов и Гуру Хари, овозможивме и се одржа концерт од класичната музика, посветивме внимание и се одржаа историски  изложби за Ченто и за Светите апостоли Кирил и Методиј, а ги продолживме и збогативме традиционалните манифестации како Пијанечко-малешевската свадба, Празникот на пијанечката слива, Голачките фолклорни средби, Велигденската изложба и други настани.

Се формираше и Советот на млади и ние како локална самоуправа даваме поддршка на нивните иницијативи со цел младите да бидат активни чинители во нашата средина.Перманентно ги поддржуваме спортските клубови и граѓанските организации, за кои по план и програма донесена на советот на општина Делчево оделуваме средства и финансиски го помагаме нивното работење.

За тековната 2018 година се исплатени 240.000 денари за новороденчиња во Општина Делчево, исплатени се 480.000 денари за стипендии и награди на одлични ученици, како и околу 300.000 денари за наградно патување на најдобрите 10 матуранти од делчевската гимназија, а дека се грижиме за ранливите категории на  граѓани потврдува и податокот дека во тековната година се исплатени и 238.000 денари. Во соработка со ЕВН, ставен е во функција првиот  полнач за електрични автомобили во Делчево.Уредена е планинарска патека Делчево – Туристички локалитет Голак и е во функција на ЛЕР на Општина Делчево.

Посебно сакам да ја истакнам конструктивната соработка со Советот на Општина Делчево и сакам да изразам голема благодарност до претседателот на советот Драган Маневски и сите останати советници кои имаа огромен придонес во реализацијата на сето горе споменато.

Од конституирањето на Советот на Општина Делчево до денес се одржани 14 редовни седници и на седниците се водеше расправа по 270 точки.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам и до сите раководители и директори на институциите кои се под локална власт,за нивното стручно, несебично , пожртвувано, чесно и примерно водење на институциите во изминатата година, со што даваат огромен придонес во севкупниот развој на општина Делчево. И, секако, сакам да оддадам признание и до целокупниот мој тим од локалната самоуправа коишто напорно работеа во изминатата година за сѐ ова да го постигнеме.

Почитувани граѓани,продолжуваме заедно и во наредниот период и во оваа прилика порачувам дека работиме максимално да ги придвижиме работите напред и да го оствариме тоа што сме го ветиле. Бидејќи граѓаните на Делчево заслужуваат општина по нивна мерка.

Во оваа прилика сакам да најавам и реконструкција на ул „Маршал Тито“ од ресторанот „Трла“до населбата Стрелиште, реконструкција на ул. „Вера Јоциќ“ во населбата Милково Брдо, како и изградба на улица 3, во населбата СРЦ. Реализацијата на овие големи инфраструктурни зафати е преку проектот „Општински рурални инвестиции“. Исто така, овој месец стартуваме со изградба и на улица во новата населба „Пролет“, улица во с. Габрово, ул „Македонска“ и ул „Никола Јонков Вапцаров“. Овде ќе го најавам и проектот за изградба на нова детска градинка во населбата Расадник, за што е изработен идеен проект. Во рамките на проектот е предвидена изградба на 6 занимални на нова локација во населбата Расадник. Вредноста на проектот е 25 милиони денари со ДДВ и околу 3 милиони денари за соодветна опрема потребна во детската градинка. Средствата ќе се обезбедат од буџетот на РМ преку  МТСП. Во изминатата година како локална самоуправа имавме одлична соработка и меѓусебно разбирање и почитување со верските заедници во Делчево.

Посебно ми претставува задоволство што со Вас, во оваа прилика ќе споделам една нова информација:  По скоро 2 децении, продолжуваме со доизградба на новата црква во центарот на градот, црквата „Св.Кирил и Методиј“, за што пред два дена обезбедив донација за изградба на фасадата. За оваа донација наскоро ќе добиете подетални информации.

Почитувани мои сограѓани- продолжуваме заедно со една цел да го изградиме Делчево по ваша мерка, по мерка на граѓаните.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе