Штип, 17.06.2023
Пред околу два часа од ЦУК известија дека постои опасност ноќва да прелие браната Калиманци, а вработените во хидросистемот Брегалница веќе започнаа со превентивно испуштање на водата од браната.
Од Калиманци, во моментот, превентивно се испуштаат по околу 18 кубни метри вода во секунда што се користи за производство на електрична енергија. Дотокот во акумулацијата е со променлив капацитет и во просек се движи над 20 кубни метри вода во секунда.
-Во текот на денот од реката Брегалница измеривме доток во браната од 45 кубни метри во секунда, така што преостануваат само околу 10 сантиметри до максималното ниво на Калиманци, по што можно е да дојде до прелевање преку ѕидот на браната. Браната Гратче веќе е на прелив, а нашите екипи се на 24-часовно дежурство на терен, ја следиме состојбата околу рамничарските села во Кочанско, изјави претходно во денот Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
Зголемен водостој на реките што ги полнат акумулациите на хидросистемот Брегалница регистрираа попладнево вработените во водостопанската подружница од Кочани.
Поради зголеменото ниво на водата во Кочанска Река на одделни места во атарот на селата Горни и Долни Подлог пробиен е земјениот брег и поплавени се десетина хектари со пипер и пченка.