Да знаеја американците дека во Штип постои градоначалник кој за само 3,5 години на оваа функција направил повеќе отколку што било направено во изминатите 70 години, вопшто немаше да се двоумат.Без било какви избори ќе си го избереа Илчо Нарцисот за свој претседател!
Илчо, кој никогаш не бил опериран од скромност, пред сопартијците изјави дека тоа што во Штип, во негово време од само 3,5 години било направено, не било направено за претходните 70 слободарски години на градот. Со ваков говор настапи Илчо Нарцисот на свечената седница на Советот на Општина Штип по повод 8 Номеври, Денот на ослободувањето на градот.
За да ја спознаеше вистината во однос на своите нарцисоидни небулози, на Илчо Захариев му беше потребно само мал напор, едно искачување на Исарот од када Штип се гледа на дланка. Па одтаму ќе видеше илјадници куќи, на стотици станбени згради, огромен број фабрики и трговски објекти, улици кои некогаш беа обична калдрма, ќе видеше нешто што било изградено децении пред неговиот нарцисоиден задник да седне во градоначалничката штипска фотеља.
Можеше Илчо Нарцисот да ја види и зградата на Општината во која е неговиот кабинет изградена со солидарни пари на штипјани многу пред „неговото“ време. Можеше да фрли поглед на комплексот „Астибо“ изграден во европски моден центар во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Ако тркнеше до старата индустриска зона ќе го видеше комплексот „Македонка“ изграден во педесеттите години од векот пред овој. Само Илчо Нарцисот да фрлеше поглед плус на градот со кој нарцисоидно раководи ќе ги видеше зградите на Гимназијата која има стогодишна традиција, на Средното медицинско училиште исто така градено со солидарни средства на Штипјани, големиот Дом на култура „Ацо Шопов“ во кој, исто така, е вложена пословичната штипска солидарност. Потоа можеше да се запознае и со историјата на Клиничката болница, Здравствениот дом, Метална, Селена, Прогрес инженеринг, Југотутун…. Ќе ги видеше и петте основни училишта сите од ред изградени во времето кога Господ Бог (Тито) одеше по земја.
Да сакаше Илчо допир со вистината од која бега како ѓавол од крст, ќе се присетеше на филтер станицата пуштена во употреба во 1990 година, а тој 3,5 години не умее да ги стави водите од Злетовица во служба на штипјани зашто во погрешна технологија во штипското, вмровско време на владеење, се фрлија во вода околу 1,5 милион евра па штипјани плаќат најскапа вода во државата. Да ја сакаше вистината како што не ја сака, Илчо Нарцисот ќе го видеше и Градскиот стадион кој, токму во негово време, стана руина, а спортот го снема од штипската сцена…Можеше Илчо од Звегор, а штипски градоначалник, да знае дека шминкањето на библиотеката е маргинална работа во однос на нејзината изградба во времето кога Господ Бог одеше по земја, како импозантен објект на штипската и македонска култура.
Но, да не должам…Америка гадно погреши што потроши милијарди долари на скапата кампања. Само да знаеја дека во еден мал македонски град кој се вика Штип постои човек кој за 3,5 години прави повеќе отколку што генерации прават за седум децении, немаше да одат на избори. Ќе си го доведеа Илчо Нарцисот.
Но, пред да го направе тој потег, пред да го устоличат Ило наш во Белата куќа,, убеден сум дека прво ќе му направеа компјутерска томографија на главата, зашто такво чудо светот не познава, а таква појава без комплетна и комплексна здравствена дијагноза не се зема здраво за готово…