Карикатурата секогаш се сомнева, без сомнеж нема напредок
Штип, 19.04.2020
- Во денешното интервју за istokpress.mk на тема „Што работат познатите во време на коронавирус и ограничено движење“ говори проф.д-р Јордан ЃОРЧЕВ, претседател на УО на МСУ „Гаврило Романович Державин“, научник, писател и карикатурист, човек со најбрзорастечки фан пејџ во државата со 42.000 следбеници…
Г-дин Ѓорчев, како ги минувате деновите во кои доминира темата за коронавирусот, а кога имаме ограничено време за движење?
-Во работните денови кога на Универзитетот нема речиси никој јас ги завршувам заостанати обврски од тековно работење. Кога ќе се вратам дома се посветувам на мојата класика: читање весници и книги, пишување, гледање телевизија и, секако, цртање карикатури зашто одамна си ставив во задача да не помине ден без да нацртам најмалку една карикатура.
Важите за повеќенасочен интелектуалец. Покрај тоа што сте на чело на Славјански кој има факултети во Свети Николе и Битола, вие сте уште и писател, поет, егологист на духот, карикатурист…Тешко ли е да се биде три-четири во едно, посебно во вакви услови?
-Де факто се работи за исти активности само во различни полиња на она кое се нарекува – уметност. Во мојот случај тоа е лична приврзаност кон повеќе видови на уметност. Деновиве ги привршив двете книги карикатури кои се дадени на печатење, а тие ќе излезат пред јавноста по крајот на пандемијата, а при крај е и уште една моја книга раскази. Во ова меѓувреме, со проф. д-р Лилјана Василева и проф д-р Бојко Соколовски, како научници кои се занимаваме со теоријата на економската мисла подготвуваме три книги од оваа област кои за првпат ќе бидат објавени кај нас.Овие книги ќе ги објавиме во текот на оваа година.
Ја изненадувате јавноста подарувајќи и секој ден по една карикатура. Зошто?
-Прво, имам потреба и на ваков начин да искажам некој свој став. Хуморот, сатирата и карикатурата се посебно важни во вакви времиња, кога имаме проблем, кога духот ни е паднат и кога ни треба малку повеќе насмевки. Во тоа име јас секој ден, на интернет, објавувам по една карикатура. И самиот сум изненаден од бројноста на прегледите на моите карикатури. Ова со карикатурите ме релаксира, тоа е дел од природата на мојата личност, дел од мене, тоа е исто како и кај сите други творци, тука не станува збор за избор,не сум ја избрал јас неа туку карикатурата ме избрала мене да бидам нејзин гласноговорник.
Да, имаме информации дека имате фантастичен фан пејџ…
-Карикатурите ги објавувам на мојот фан пејџ (Jordan Gorcev) каде моментално имам над 42.000 следбеници, и тоа е најбрзорастечкиот фан пејџ во нашата држава. Карикатурите ги објавувам на три јазика, покрај на македонски уште и на руски и англиски јазик. Можеби ќе ве изненади податокот, но во моментов најмногу проследувачи на мојот фан пејџ имам во Индија….
Каде наоѓате инспирација, тешко ли е во нашата држава, во општествените односи да се најде тема?
Карикатурата е стил на живот, тоа е аспект на гледање на работите. Тие се пронаоѓачи на дефектот на тнр. „сериозни теми“. Карикатурата ја има моќта да ги разобличува несовршеностите во општеството. Од тој аспект теми уште како има само проблем е што во нашата држава нема млади кои би се посветиле (и) на карикатурата…
Нашите медиуми не ги фермаат сатирата и карикатурата, на времето и најугледните и најтиражни весници имаа актуелни карикатури дури и на насловните страници, а денес пустош…
Неспорно е дека карикатурата кај нас нема статус, а ја снема ниту културата на „читање“ на карикатурата. Лошо е тоа што ја нема во весниците, таму нејзе и беше вистинското место иако е добро тоа што денес секој автор својата карикатура може да ја „прикачи“ на интернет и на еден таков начин да ја шири оваа уметност и да ги искаже своите креативни потенцијали. Чинам дека ние не сме подготвени да ја видиме и другата страна на животот, дека кај нас премногу сериозно се гледа на сите работи. Карикатурата, сепак дава еден нормален светоглед на работите и таа многу се допира со науката…Карикатурата, вушност секогаш се сомнева, а без сомнеж нема напредок…
Институтот за култура при Славјански го востанови фестивалот на хуморот и сатирата Итар Пејо во Битола, но по краток живот и него го снема. Во што е работата?
Се јавија некои технички проблеми, но тоа го оставаме зад нас, оваа година по крајот на пандемијата ќе распишеме конкурс за афоризам, хумореска и карикатура, а веќе наредната година фестивалот ќе го започне својот втор живот.
Иван Бојаџиски