КОЧАНИ: Инцијатива стара 20 години на градот му донесе полуконцертно пијано

Кочани, 07.10.2020

По многу нереализирани иницијативи во период од дваесетина години, Кочани доби ново полуконцертно пијано. Со средства од општинскиот буџет и по реализирана јавна набавка, пијаното  „ритмилер“ го прими Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“.
– Мојата радост навистина е голема, бидејќи успеавме да одговориме на долгогодишната потреба од квалитетно пијано. Инструментот беше неопходен, имајќи ја предвид образовната дејност на Музичкото училиште „Ристо Јуруков“, но и концертните активности што се реализираат во Кочани. Со новото полуконцертно пијано создаваме соодветни услови за реализација на културни активности. Очекувам Музичкото училиште да биде расадник на  таленти, а публиката да биде сведок на настапи на врвни уметници – изјави градоначалникот Николчо Илијев.
Новото полуконцертно пијано е со црна сјајна боја, три педали, чеканчиња со германско потекло и има гаранција од пет години.
Директорката на Музичкото училиште „Ристо Јурков“, Марија Лазарова ја изрази благодарноста од сите што со нетрпение го очекуваа овој историски момент за музичката култура и образование во Кочани, додавајќи дека ова е поттик за нови творечки и уметнички пориви и активности.
Јованка Милојевиќ, наставник во ОМУ „Ристо Јуруков“ е дел од тимот што пред дваесет години за првпат јавно ја изнесе потребата од полуконцертно пијано.
– Идејата се роди одамна, и еве ние сме сведоци на конечната реализација – набавката на полуконцертно пијано, благодарение на поддршката од градоначалникот Николчо Илијев и локалната самоуправа, кои покажаа разбирање и одговорија на потребата од ваков инструмент – истакна Милојевиќ.
Советничката за образование во Општина Кочани Лилјана Арсова, како член на Советот на Општина Кочани во 2014 година, институционално ја покрена идејата за набавка на полуконцертно пијано.
– Како советник, во повеќе наврати апелирав за потребата од овој музички инструмент и посочував дека треба да го обезбеди Општината и ова се случува на задоволство на сите. Пијаното е бенефит не само за училиштето, туку и за веќе промовирани уметници и пошироката заедница – рече Арсова.
За набавка на овој музички инструмент Општина Кочани намени 755.200 денари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе