КОЧАНИ: Реконструкцијата на Центарот за култура „Бели мугри“ не оди според договореното

Кочани, 13.03.2019

Претставници на вклучените страни во реконструкцијата на надворешноста на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани одржаа состанок, на кој присуствуваше и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

На месец и половина до истекот на продолжениот рок за реконструкција на надворешноста на овој објект, градоначалникот го изнесе своето мислење за текот на работите и за некои градежни работи видливи за сите.

БЕЛИ МУГРИ СОСТАНОК– Не ги исполнивме очекувањата на граѓаните. Секојдневно ме прашуваат за некои работи што се очигледни – за видливите оштетувања на новата фасада, за времетраењето на работите и за заградениот простор покрај кејот на реката. Реконструкција на ваква установа не се случува секој ден. Со парите добиени од Министерството за култура, треба да ѝ овозможиме нов век. Да биде дело на кое ќе му се радуваме – рече градоначалникот на состанокот со изведувачот и надзорот на градежните работи.

Со цел секојдневно да се следат работите на терен, Општина Кочани постави инженер како надворешен надзор, што придонесе навреме да се корегираат некои, но не и сите градежни пропусти. Изнесените забелешки од Илијев ги потврдија и преставниците на  фирмата задолжена за надзор.

На средбата беше предочено дека целта на локалната власт е по реконструкцијата на Центарот за култура да се оформи модерно шеталиште, целина во која овој објект има значајна позиција.

Градоначалникот ја истакна неговата поддршка за поправка и навремено завршување на работите, кои со анекс на договорот се пролонгирани до крајот на април.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе