Маруша, таа голема енигма во севкупноста на театарскиот живот во Македонија која беше премиерно поставена, а потоа и симната од репертоарот на новата театарска сала во доизградениот дом на градскиот хотел „Гранд“ во 1925 година се врати дома. А нејзино дома е Штип, местото на нејзиното настанување. Се работи за битова драма напишана од д-р Душан Будимировиќ на кого му се придружил и Васил Хаџикимов како еден од највредните и најпродуктивни соработници.
Веднаш по првата изведба Маруша била симната од репертоарот. Оваа битова драма се бележи како прва претстава во Македонија што е забранета или смината од репертоарот веднаш по нејзината премиера, а од кои причини се случило тоа нема историски податоци.
Во предговорот на книгата Маруша се враќа дома, чиј автор и приредувач е познатата театарска критичарка Лилјана Мазова, а чиј издавач е Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип, Зоран Читкушев, директор на оваа институција, пишува:
-Во Штип и во историјата на театарот во Македонија Маруша беше една голема енигма. Дело околу кое неколкумина познавачи на театарските случувања плетеа разни конспиративни стории кои кај нас – слушателите, предизвикуваа несомнен интерес за многу елементи од таа приказна. Прашањата се од типот зошто Маруша е симната од репертоарот, кои биле реализаторите, кој од нив, можеби, е најзаслужен за „спуштање на завесата“. Интересно и не помалку важно, е прашањето на јазикот , приемот на претставата од страна на публиката и пораките што таа ги има“, пишува Читкушев.
Според Читкушев, публикувањето на Маруша треба да биде плима која ќе допринесе на површина, овојпат на „даските што живот значат“, да се постави и еден текст, една размена на енергија, театарска естетика и мисла на авторите од едно време, со публика и театарски творци од друго време. На тој начин делото ќе го отпочне својот дијалог со консументот, а успешноста на тој производ – идната театарска претстава – ќе биде наградена со аплауз од публиката.
Во секој случај љубителите на културата, на театарот посебно во Штип, со нетрпени ја очекуваат промоцијата на книгата Маруша се враќа дома, а по неа, можеби и ново појавување на театарска сцена на текстот кој со децении носи силна возбуда.
Промоцијата на „Маруша се враќа дома“ се случи во убав амбиент, во музејската постановка на Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип.