Одлучна акција спаси четири хектари оризови ниви
Кочани, 28.05.2018
Надојдените води на тнр „Бугарски канал“ срушија дел од патот кој води низ срцето на оризовите ниви кај селата Уларци и Чешиново по кој пат земјоделците се движат со своите машини. Покрај тоа тие оневозможија навремено наводнување на околу 4 хектари оризови ниви за кои постоеше опасност да не можат да дадат род.
Вчера, иако беше недела, на критичното место се собраа земјоделците, а набргу таму пристигна и директорот на регионалниот хидромелиоративен систем „Брегалница“. Откако беше направен план за ургентно решение на проблемот директорот повика на помош поголем број водари од Чешиново, Уларци и Чифлик, па преку денот дел од проблемот беше решен.
„Денес, а најдоцна утре ќе го санираме патот кој е однесен од водите, а оризовите ниви кои за сеидбата имаа доволни количини води но на кои во моментов им се потребни нови води можат да сметаат на нив“, вети Дени Митров, директор на ЈП ХС „Брегалница“.
Така, со заедничка акција на вработени во хидромелиоративниот систем и на група земјоделци од спомнатите села ургентно е санирана една голема рана на оризопроизводителите од овој крај. Овој пример покажува дека многу проблеми можат на време да се решат ако се направи единство во акцијата на засегнатите страни и на оние кои раководат со системот „Брегалница“.
Инаку, тнр. „Бугарски канал“ и во 2006 година направи голема беља кога низ него протатнеа големи води кои поплавија дел од куќите во село Спанчево, а потоа ги поплавија и сите оризови ниви на овој потег. Причина беше неисчистениот канал во кој имаше од се по нешто: од стари кревети, душеци, шпорети, шут и градежен материјал до умрени животни, паднати дрвја…