Пехчево, 12 јануари, 2019
Пехчево си го враќа квалитетното ниво на културен живот кој беше замрен последните најмалку дванаесет години. Синоќа, во убавот изложбен салон на домот на култура „Јане Сандански“ на иницијатива и барање на оваа установа иу нејзината директорка Ана-Марија Тренчова, беше отворена изложбата на штипската уметница, сликарката Лена Ѓуриќ.
Наспроти сите очекувања дека ќе нема народ за ваков културен настан, поради миграцијата на пехчевци, на отворањето на изложбата дојде многу народ па салонот изгледаше претесен за сите кои што посакаа да бидат дел од овој културен настан.
Лена пред пехчевци се претставува со 31 слика работени во сликарската техника масло на платно. Изложбата во Пехчево и е деветта по ред самостојна изложба, а во својата уметничка биографија Лена има запишано и уште две групни изложби.
„Целта ми е моите слики да бидат изложени пред се во сите градови од нашиот регион, а потоа во други места ако за тоа постои интерес. Имам покана оваа изложба после Пехчево да биде пренесена во Македонска Каменица, а поканата со задоволство ја прифаќам“, рече уметницата.
За уметничката визија на Лена Ѓуриќ зборуваше Габриела Костадинова, поетеса и директорка на библиотеката во овој град, а изложбата ја отвори градоначалникот Драган Тренчовски. Првиот граѓанин на Пехчево на уметничката и се заблагодари за гестот што во многу проблематични временски (метеоролошки) услови одлучила да ги почести пехчевци со својата уметност.
Ви донесуваме неколку фотографии од убавиоткултурен настан.