ПРОБИШТИП. Идниот месец се отвора Регионален музеј на ретки минерали со 250 експонати

Пробиштип, 18.09.2020

Во центарот на Пробиштип „никна“ Регионален музеј на ретки минерали. Архитектонското решение е на архитектонското биро „Тагора“ – Скопје, надзорот го вршеше штипското „Атриум студио“ додека градбата е на скопската фирма Промонтинг.

-Голема благодарност искажуваме на Источниот плански регион кој во вкупната инвестиција од 9,2 милиони денари учествува со 62 проценти додека преостанатите 38 проценти од средствата за изградба на овој единствен музеј во нашата држава ги обезбеди нашата општина, вели Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.

MUZ01Музејот е со димензии 8,11 х 17,21 метри, односно со површина од 140 метри квадратни, има приземје и кат, а е лоциран во централното градско подрачје.

-Досега се обезбедени околу 250 експонати на ретки минерали од рудниците Злетово и Саса, но оваа збирка, со тек на времето постојано ќе се збогатува со примероци на ретки минерали од целата наша држава но и пошироко. Примероците од нашиот рудник Злетово досега беа чувани во Домот на култура „Злетовски рудар“ и во Управната зграда на рудникот, а сега тие ќе се најдат на едно место, и ќе бидат достапни за јавноста, вели градоначалникот Анастасов.

Идејата за овој музеј беше „на маса“ околу десет години но се реализира дури годинава благодарејќи на упорноста и залагањето на Општина Пробиштип и нејзините стручни служби.

Музејот свечено ќе биде отворен за посетители идниот месец.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе