Штип, 08.12.2017
Штипските советници од ВМРО ДПМНЕ, нив осум, кои се самопрогласија за „Терористи“, вчера, 07 декември 2017 година, го направија најсрамнот чин во годините на независноста на нашата држава. Пред почетокот на седницата на Општинскиот совет, облекоа бели маици на чија предна страна (на градите) им пишуваше „И јас сум терорист“. Следниот миг тие се размавтаа со националните знаменца, за да продолжат со скандирање „Македонија“, „Македонија“. На дел од нив од лицата им се читаше гордост од морбидната претстава која, недвојбено, е осмислена во некоја болна скопска глава од најтесното опкружување на нивниот лидер Груевски, ако не и од самиот него. Должност ми е да запишам дека кај мал дел „Терористи-советници“ забележав нелагодност што беспоговорно мораа да ги извршуваат морбидните наредби на партискиот налогодавец..
Во моментот додека тие ја изведуваа својата претстава пред присутните во салата и пред ТВ камерите, во првиот ред во салата, на два метри од нив, седеше градоначалникот Благој Бочварски. Тоа е оној Бочварски чиј живот беше загрозен на 27 април, годинава, за време на познатиот „Крвав четврток“ кога толпа нелуѓе навлегоа во Парламентот, тој национален храм на демократијата, да тепаат, да убиваат, да пуштат крв, да посеат страв. Тоа беа насилниците во чија одбрана застанаа „Терористите – советници“ од партијата ВМРО ДПМНЕ од мојот град.
Додека „Терористите-советници“ ги бране насилниците од Крвавиот четврток, на два метри пред нив, во првиот ред од салата, седеше градоначалникот Благој Бочварски. Тоа е оној Бочварски чиј живот беше загрозен од насилниците во чија одбрана застанаа вмровските советници од нашиот град…Дали барем за миг можеа да го погледат во очи? Зарем за миг не се засрамија? Онака чисто човечки….
Сакам јавно да им поставам прашање на „Терористите“: дали додека гордо ги облекувавте маиците со текстот на нив „И јас сум терорист“, и кога дел од вас држеа пламени говори, дали барем за момент го погледнавте во очи градоначалникот на својот град? Дали не ви текна дека меѓу нападнатите во тој Крвав четврток, на кого му беше загрозен животот, беше и Благој Бочварски, ваш сограѓанин, млад човек на кого Штипјани му го доверија водството на градот и општината?
Мислев дека некој од вас, а можеби дури и колективно, ќе најдеше/најдевте парче човечност во себе, зрнце доблест, па ќе застанеше/застаневте зад говорницата и во име на вашата советничка група и вашето штипско партиско членство ќе кажевте зборови на извинување. Извинување пред Бочварски, чие постоење на овој свет беше загрозено од насилниците во вашата партија? Или, можеби најсоодветно ќе беше да облечевте маици на кои ќе пишуваше „Извинете градоначалнику Бочварски“. Е, тоа ќе беше баш доблесно, баш човечно, баш цивилизирано.
Зашто тоа е минимум што се очекува од цивилизирани луѓе во една цивилизирана држава. Ништо помалку и ништо повеќе!