ШТИП: ВМРО ДПМНЕ со критики, Бочварски со остра контра

Штип, 20.05.2019

Иван Јорданов, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип денес по стоти пат ја фрли ракавицата со грст критики против владеењето на СДСМ и градоначалникот Благој Бочварски со градот и општината на што со остра контра одговвори првиот граѓанин на регионалниот центар.

Според Јорданов, Штип во 2014 година од Financial times бил прогласен за најрентабилен микро град во Европа, а денес тие (ВМРО ДПМНЕ) го прогласуваат за град кој стагнира.

Ако од 2013 до 2017 година Штип беше претворен во градилиште, во 2019 година во општината гради само семејството на градоначалникот. Општина Штип доживуваше експанизија на секое поле и растеше во секој поглед. Откако СДСМ дојде на власт, градот потона во самодеструкција. Штип ни оддалеку не наликува на студентскиот град во кој вриеше од млади луѓе. Инвестицискиот рај за странските компании во кои работат работници и од соседните градови, веќе две години нема ниту една инвестиција со која би се забрзал економскиот раст и развој на општината. Во ТИР зоната има нула странски инвестиции после 2017 година. Компаниите не наидуваат на добра клима за инвестирање во Штип, па затоа веќе не ја гледаат својата иднина во нашиот град. Клиничката болница која требаше да биде завршена уште во 2018 година, остана карабина која гласно зборува за неспособноста на власта одека автопатот Штип-Миладиновци веќе неколку години „само што не е пуштен“ во употреба.

Градоначалникот во предизборието ветуваше младинска гаранција и вработување на секој студент после завршување на образованието, меѓутоа за тоа веќе нема ни најава дека ќе се случи. Младите масовно се иселуваат од нивниот роден град, затоа што овде не гледаат перспектива за нивната иднина. Како резултат на лошото менаџирање на општината, Штип стана најнеразвиениот град во Источна Македонија, рече Јорданов.

Првиот штипски вмровец додаде дека СДСМ не знаела како да практикува власт. Нивното неработење и негрижа за народот од национално се мултиплицира на локално ниво. Безидејноста за нови проекти и неспособноста да ги завршат веќе почнатите е на сметка на граѓаните. Тие се жртва на оваа хунта која нема принципи и критериуми за работа, туку само деградира воспоставени пракси, го осиромашува населението и го отежнува животот на секој граѓанин на нашиот град, рече Јорданов.

Одговорот на Бочварски:

„Опозициските челници, за жал, не сакаат да се радуваат на развојот и успесите што ги доживува Штип, па попусто се шетаат во Скопје за злонамерно го оцрнуваат нашиот град во очите на државата и регионот. Но, злонамерните оцрнувања на градот не само што се непатриотски,туку и невистинити.

Во текот на осумте години во кои ВМРО-ДПМНЕ ја имаше локалната власт во Штип, челниците од оваа партија не направија ништо значајно за градот. За потсетување, зедоа огромен кредит од Светска Банка за уредување на плоштадот и изградба на платформи на реката Отиња. Како што и самите знаете, после пробивањето на сите рокови плоштадот остана без фонтана, а од платформите граѓаните видоа само неколку столбови.

Со самото преземање на власта, веднаш се зафатив со работа и граѓаните конечно добија платформа за паркирање, којашто од ВМРО-ДПМНЕ осум години не можеа да им ја испорачаат. Целото владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше обвиено во нетранспарентност и интриги. Граѓаните не знаеја каде и за која цел се користат нивните пари. Од ВМРО-ДПМНЕ наследив куп проблеми.

Проблемот со започнатиот Пензионерски дом, проблемот со празна каса која ја затекнав, проблем со голем број судски пресуди коишто сеуште го оптеретуваат општинскиот буџет. Денес Штип е најтранспарентна Општина во државата.

Граѓаните точно знаат за што се користат нивните пари. Сите тендери и јавни набавки од Општина Штип се спроведени строго според законските одредби.

Фирмите за кои зборува опозицијата, а се во сопственост на моето потесно и пошироко семејство, ниту имаат учествувано ниту имаат добиено јавна набавка од Општина Штип, кадешто јас сум потписник. За време на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ се работеше слабо и неквалитетно, со козметички трикови за краткорочно санирање на одредени инфраструктурни проблеми. Но, сега ние ги исправаме неправдите од претходната локална власт. Сите оние кои во минатото платиле надомест за уредување на градежно земјиште конечно добиваат инфраструктура, па затоа веднаш ги изградивме улиците 6 и 7 во населба Баби, Блок 2000 како и во Сончев Град. Изградени и реконструирани се четириесетина улици, а се работи и на изградба на тротоари, локални патишта, како и друга патна инфраструктура.

Цената на водата за пиење во време на СДСМ е намалена за 10%, а за потсетување на граѓаните во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година цената на водата беше покачена за високи 39%.

Почитувани граѓани,

Ваше е да оцените која власт ви ги покачи вашите трошоци, а која власт ги враќа парите назад кај вас. Изградена е водоводна линија за жителите во населба Балканска, со што жителите на оваа населба конечно добиваат чиста вода за пиење. Уредено е платото кај Пензионерски_дом. Работиме на концепт за изградба на СРЦ „Суитлак“ преку јавно приватно партнерство.

Се гради нова детска градинка.Се извршија реконструкции во останатите детски градинки. Се вршеа реконструкции во сите основни училишта, а најголемата е во ООУ„Тошо Арсов“ со што го решаваме најголемиот проблем во ова основно училиште. Се изработува проект за гасификација на општина Штип.

Се проектира брана на реката Отиња, процес кој целосно стагнираше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а со чија реализација ние ќе придонесеме Штип уште повеќе да се развива.

Јавно ги прашувам од опозицијата, ако знаеме дека браната на река Отиња е врвен и најважен проект, што направија во текот на нивните 8 години за изградба на оваа брана? Јас ви тврдам дека не направија ништо, ниту имаа намера да прават, а тие со факти нека ме дематираат“, рече Бочварски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе