Штип, 21.06.2018
Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски, денес беше во работна посета на Штип. Тој се сретна со градоначалникот Благој Бочварски, како и со претставници на општинската администрација, а присуствуваше и на доделувањето на решенија за легализација на објекти изградени до 3 март 2011 година.
„Со градоначалникот Бочварски и со претставници на општинската администрација разговаравме за сите инфраструктурни проекти кои се одвиваат и во идниот период се планира да бидат реализирани. Градоначалникот Бочварски покажува сериозна посветеност и му честитам за тоа, а ние како Министерство, како и Владата, ќе го поддржуваме, со цел Штип да може да ги реализира ветените важни проекти. Ние работиме на патна инфраструктура и сме посветени на тоа. Во наредниот период во овој регион предвидено е да бидат вложени 320 милиони евра за подобрување на инфраструктурата. Интензивно се работи на автопатот Миладиновци-Штип, како и на експресните магистрални патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани. Со изградбата на овие патишта и автопатот, ќе се направи сериозно подобрување на патната инфраструктура во овој регион,“ посочи министерот Сугаревски.
Градоначалникот Бочварски рече дека со министерот Сугаревски дискутирале за повеќе отворени прашања, за сите инфраструктурни проекти, коишто ги работи Владата со засилено темпо и динамика.
„Особено ми е драго што Владата со силен капацитет работи на изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, со што ќе нѐ поврзе со главниот град со една побрза делница. Експресните патишта кон Кочани и Радовиш исто така се многу важни, со што ќе имаме и подобра и посигурна инфраструктура за патување на сите наши граѓани. Зборувавме за разработка на неколку детални урбанистички планови кои Општина Штип веќе ги има доставено во Министерство за транспорт и врски и ми е особено драго што наидуваме на одличен прием таму и веќе тие се при крај со нивна реализација, па наскоро ќе можеме да ги имаме спремни за да влеземе во реализација на тие ДУП-ови. Исто така, ја искористивме можноста за на петнаесетина наши сограѓани им доделиме решенија за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти,“ истакна градоначалникот Бочварски.
Во собраниската сала градоначалникот Бочварски и министерот Сугаревски на десеттина семејства им ги доделија решенијата за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. Станува збор за решенија издадени на основа на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. За да биде праведна и достапна за сите легализацијата на бесправно изградените објекти, Владата на РМ донесе одлука да го продолжи рокот за легализирање до крајот на оваа година. Сите граѓани кои претходно не успеаја да поднесат барања за легализација, сега можат да го остварат во дополнителен рок. И натаму остануваат истите потребни документи за аплицирање, а услов за легализација е објектот да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. Со овие измени на Законот за постапување со бесправно изградените објекти излегуваме во пресрет на илјадници граѓани кои досега поради различни причини не можеа навремено и комплетно да аплицираат за легализација на своите објекти.
Инаку, вкупно иницирани постапки за утврдување правен статус на бесправен објект од 3 март 2011 година до 19 јуни 2018 година е 12.250.
Вкупно решени постапки за утврдување правен статус на бесправен објект од 3 март 2011 година до 19 јуни 2018 година е 6.158.