ШТИП: „Макфест“ е фестивал рангиран во трета категорија и затоа му се доделени само 399.000 денари, велат од Министерството за култура

Штип, 17.03.2022

Во Штип, град на кој цели 36 години еден од заштитните знаци му е и фестивалот на забавна музика „Макфест“, локалната самоуправа е страшно незадоволна од фактот дека за годинашново издание на фестивалот Министерството за култура одобрило само 399.000 денари, иако минатата година одобрената сума изнесувала 1,8 милиони денари.

За годинашниот издание на фестивалот, за новата предлог-програма за „новото лице на фестивалот“ и за финансиската состојба се водеше полемична расправа и на последната седница на Советот на општина Штип. Советниците од владеачката ВМРО ДПМНЕ  го искажаа своето незадоволство од чинот на Министерството за култура за годинашниов „Макфест“ да издвои само 399.000 денари, наспроти лани издвоените 1,8 милиони денари. Наспроти министерството, Општина Штип како организатор донела одлука за фестивалот, од парите наменети за културата, да издвои 4,5 милиони денари.

Во дебатата беше речено дека постои веројатноста Општина Штип да се откаже од парите кои Министерството за култура ги наменило за „Макфест“ ако ова министерство не се корегира и не одобри сума на пари која ќе ги почитува значењето и историјата на постоењето на фестивалот.

За појаснување на состојбата нашиот портал се обрати до Министерството за култура од каде го добивме следниот одговор:

„Министерството за култура информира дека Комисијата за музика и музичко-сценска дејност со висока професионалност ги разгледуваше и оценуваше пристигнатите пријави на Годишниот конкурс. При бодувањето се водеше по приоритетите и мерилата на Конкурсот.

Стручната комисија образложува дека е несомнено дека Макфест во минатото важеше за угледен фестивал кој се изведуваше целосно во живо. Оценка е дека низ годините опадна изведувачкиот и авторскиот квалитет на манифестацијата. Според комисијата е недозволиво  фестивал со такво реноме да се изведува на матрица, а не со жива инструментална изведба во полн оркестарски капацитет. Затоа, проектот е бодуван со вкупно 57 бодови во трета категорија, за што се одобрени 399.000 денари.

Што се однесува до прашањето за враќање на средствата на Министерството за култура, корисниците на кои со решение им е одобрен проект можат да не го склучат понудениот договор за финансирање на проект од национален интерес во културата и со тоа ќе се смета дека се откажале од реализација на проектот и исплата на средства за истиот“, гласи одговорот на ова министерство.

Организатор на фестивалот е Општина Штип претставувана од институцијата градоначалник. На последната седница на Советот владеачкото мнозинство го усвои новиот Предлог-правилник за начинот на одржувањето на „Макфест“ со кој од корен се менуваат нештата, а најзначајно е тоа дека ќе нема парични туку само „афирмативни“ награди. Но, за сите новости околу фестивалот ќе информираме во текот на утрешниот ден.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе