ШТИП : Преубаво отвoрање на Штипско културно лето со оперските пејачки Арсовска, Голомеова и Ефтимовска

Штип, 27.06.2021

Во уметничката галерија „Безистен“ во Штип синоќа имаше преубаво отворање на Штипско културно лето 2021. Во прекрасен амбиент, соло концерт имаше м-р Виолета Арсовска, а во програмата учествуваа и Сара Ефтимовска како гостинка и европски познатата оперска дива, штипјанката Елена Голомеова, која настапува во оперите во Франција како специјална гостинка на концертот на класична музика.

ШКЛ со пригоден и инспиративен говор го отвори градоначалникот д-р Сашко Николов, кој истакна дека Штип покрај другите епитети го краси и епитетот Град на културата. Првиот граѓанин на Штип потенцира дека не било случајно тоа што во 1925 година токму во Штип под диригентската палка на рускиот емигрант Сергеј Михајлов е одржана првата оперска претстава во Македонија (Паљачи) и дека Штип е првиот Град на културата во независна Македонија (2004 година).

-Како локална власт силно ја поддржуваме културата со сите нејзини содржини, а тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина“, потенцира градоначалникот Николов.

В-р Виолета Арсовска, сопран, професорка во ДМУЦ  „Сергеј Михајлов“ со првата изведба на Аве Марија од Шуберт ја предизвика публиката на долготраен аплауз кој траеше неколку минути. Истото се повтори и по изведбата на Serenada и Widmungо од истиот композитор. Клавирската придружбата на Арсовска беше на м-р Трајче Роглев.

По првиот дел на Арсовска на сцената се појави Елена Голомеова која во 2018 година со специјален концерт во преполенатата до врв голема сала при Домот на култура „Ацо Шопов“ го имаше својот солистички концерт во родниот град со што го отвори тогашното Штипско културно лето. Синоќа, Голомеова клавирска придружба имаше од Андреј Наунов од Македонската опера и балет каде моментално настапува и Голомеова.

Забележителен настап имаше и младата и перспективна Сара Ефтимовска, ученичка на трета година од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“.

М-р Арсовска, чија беше синоќешната волшебна штипска ноќ, со својот моќен глас допре до сите сетила на присутни што за еден уметник е нешто што се нарекува врвен дострел. Затоа публиката по секоја нејзина изведба долго и силно аплаудираше. Посебно спектакуларен беше крајот кога на сцената се појавија Арсовска и Голомеова и толку моќно ја испеаја „О соле мио“ што долгиот аплауз на публиката не им дозволи цели десет минути да се повлечат од сцената.

ШКЛ продолжува утре со ликовната изложба на Боре Минов во ОМЦ „Киро Глиугоров“ во 19 часот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе