ШТИП: Се гради пат до Шашаварлија

Штипш, 27.12.2017

Пат кој ќе ги поврзе плачковичките села Шашаварлија, Кошево и Почивало започна да се гради деновиве. Делницата е во должина од еден километар.

Според градоначалникот на Штип Благој Бочварски, градежните активности се започнати, а се предвидува патот да биде готово за 40 работни денови, под услов временските услови да не се влошат.

sasacarlija pat„Овој пат го градиме по сите стандарди. Луѓето од овие подрачја заслужуваат подобра комуникација со Штип, заслужуваат подобри услови за живот. Вкупната инвестиција изнесува околу шест милиони денари, а ние ја одбравме најповолната понуда“, рече Бочварски.

Тој потенцира дека како градоначалник на Општина Штип настојува во своето работење подеднакво да ги застапува интересите и на населението од руралните средини.

„Овие луѓе треба да ги имаат сите основни потреби, тие имаат потреба од подобрување на квалитетот на животот. Новиот пат е една од тие работи кои се во функција на таквата нивна потреба. Она што можам јавно да го ветам тоа е фактот дека како локална власт ние ќе продолжиме да работиме во интерес на нашите сограѓани на целата територија на општина Штип“, посочи Бочварски кој беше на местото на настанот за да се увери како течат работите.

Со реализацијата на овој проект се олеснува секојдневниот живот на луѓето. Воедно, преку вакви инвестиции во руралната инфраструктура, се става акцент на новата стратегија на Општина Штип во сферата на руралниот развој.

Локалната штипска власт, се обврза да продолжи со засилена динамика да гради инфраструктура, со што ќе се придонесе за вистински развој на општина Штип.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе