ШТИП: Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе ги награди најдобрите студенти со ваучери од по 10.000 денари
Штип, 14.03.2023
На 27 овој месец Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе одбележи 16 години постоење и успешен развој во сите сегменти од високото обрасзование. По тој повод ректорот проф.д-р Дејан Мираковски денес имаше средба со новинарите од сите медиуми.
-По повод празникот планираме повеќе значајни активности. На најдобрите студенти од сите факултети и академии ќе им бидат доделени ваучери во износ од по 10.000 денари. На сите институции, организации и поединци со кои имаме плодна соработка ќе им се заблагодариме со соодветни благодарници. Посебни благодарници ќе им бидат доделенуи на болниците кои, во соработка со нашиот универзитет, овозможија студентите од Медицинскиот факултет кај нив да ја обавуват практичната работа, рече ректорот Мираковски.
Првиот човек на УГД одговараше и на бројни новинарски прашања. За поранешниот ресторан кој е во зградата на Универзитетот во центарот на Штип, Мираковски рече дека тој станува Центар за обуки во кој ќе има три училници комбинирани за интерактивна настава. Во овој центар ќе се одржуваат курсеви, обуки и семинари и други специфични активности. Центарот свечено ќе биде отворен на 28 овој месец.
СТРАНСКИ СТУДЕНТИ…Во моментов на УГД активно студираат околу 600 странски студенти, додека 500 се во сегментот на подготовки за настава, а 400 од нив се на изучување на македонскиот јазик
-По повод празникот студенти по медицина на определени локации во Штип на граѓаните ќе им мерат крвен притисок состојбата со дијабетисот, со што како Универзитет, и на ваков начин ќе ја покажеме нашата општестена одговорност, посочи Мираковски.
На прашање за странскикте студенти на УГД ректорот појасни дека во моментов активно студираат околу 600 странски студенти, додека 500 се во сегментот на подготовки за настава, а од нив најмногу, 400 на број, се на изучување на македонскиот јазик
-Најголем број странски студенти имаме од Република Турција, но имаме и студенти од Германија, Шведска, Норвешка и САД но тие се во значително помал број. Што се однесува до изградбата на студентски дом тоа е прашање за Министерството за образование, ние од поодамна имаме локација за ваква градба но одлуката ќе ја носи Министерството, рече Мираковски.
Ректорот одговараше и на прашања за геомагнетната лабораторија и нејзината иднина, за поранешното детско одморалиште на Плачковица и неговата судбина, при што појасни дека зградата која ја има УГД на планината Плачковица ќе прерасне во Центар за трансфер на технологии.