Ќе ги закопа ли Парламентот рударските градови?

Штип, 29.01.2018

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Дали нашиот Парламент ќе ги погребе градовите и општините кои живеат од своите рудници? Дали е најавена можната смрт на Пробиштип, Македонска Каменица, Радовиш, Крива Паланка? Дали 13.500 работници, односно толкав број семејства ќе останат без леб? И, конечно дали нашите пратеници ќе им дадат нов импулс на младите од најиспустената регија во државата-источната и североисточната, за барање бугарски пасоши за да фатат магла од оваа „убавина“?

На таква размисла наведува продолжувањето на антирударската хистерија во државава. Хистерија која од дебати во градови и села се пренесува во Парламентот. Во овој храм на сечија демократија е поднесено барање од десет пратеници да се донесат измени во Законот за минерални суровини. Ако тоа помине ќе им даваме помен на нашите рудници. Трето нема.

Во што е поентатат и зошто на оваа нова будалаштина мораше да реагира МАР-Македонската рударска асоцијација?

преузимањеСо измените во спомнатиот закон се бара рудниците да не можат, во своето производство, да користат цијаниди, сулфурна киселина и други, според креаторот на измените „опасни материи“. Само колку за потсетување: со цијаниди, сулфурна киселина, и други „опасни материи“ нашите рудници работат над 40 години. Се разбира сите тие се во голема разблажена состојба. И сето тоа поткрепено со А интегрирана еколошка дозвола согласно Европските регулативи. Вакви дозволи имаат сите наши рудници. И, што се случи? Се јавуваат ли професионални болести кај рударите од тоа? Не! Или можеби некој кој работел во рудниците, а кои користат разблажени цијаниди, сулфурна киселина и други „опасни материи“ умрел? Ни случајно. Такво нешто не е познато во 40 годишната пракса на нашите рудници.  Умираат ли рударите од тоа? Не! Никогаш и никаде не е регистриран таков случај.

Па што сака креаторот на бараните измени во спомнатиот закон? Што и кого ќе заштитува? И од што?

Над четири децении ги следам нашите рудници. Од најстариот „Злетово“ до најмладиот „Тораница“. Како новинар стопати сум ги посетил. Сум влегувал во јамите, сум боравел мегу рударите на отворените копови. Сум се радувал на секоја нова инвестиција, на секое ново истражување кое само го продолжувало векот на траење на рудникот. Сум напишал мал милион репортажи, „обични“ текстови, коментари, интервјуа , разговори со рудари, директори, геолози, технолози…Заедно сме се радувале на секој нов успех.

Сум го гледал Пробиштип како со капитална помош на својот рудник „Злетово“ стана преубава урбана градска и општинска структура. Во Македонска Каменица спиев во барака без струја кога се градеше рудникот. Бев таму како млад новинар опиен од нешто ново, нешто големо кое се раѓаше за да пишувам репортажи за градителите на рудникот. Подоцна од него изникна денешното модерно гратче Македонска Каменица.

Во Радовиш, пред „Бучим“, како единствен рудник за бакар во државата да започне да се гради, бев на еден од ридовите од кои сега се експлоатира руда. Бев таму заедно со Павле Давков, тогашен претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Од лицата на радовишани кои беа на теренот во тој зимски деќемвриски ден им ја исчитав неизмерната радост од фактот дека ќе имаат рудник! Рудник кој им ги облагороди животите, им помогна градот да биде тоа што е денес иако во меѓувреме ги загуби сите други големи комбинати. „Бучим“ му помага на Радовиш да преживее и едно волнено време кое сеуште трае. Без рудникот тури му пепел и на градот.

Зошто го пишувам ова? Затоа што во сите овие години во сите овие рудници, во нивниот технолошки процес се користат сите горе спомнати „опасни“ материи. Единствено опасно по здравјето некогаш беше, а на тоа и денес се сеќавам, е силикозната прашина и болеста силикоза која ги погодуваше рударите во едни дамнешни вемиња кога се бушеше рачно и на суво. Подоцна дојде водното бушење и настана револуција во производството на руда. Денес, тоа што го има како технологија во нашите рудници е како сателит во однос на времето за кое прикажувам.

Останува надежта дека науката и одговорниот пристап на пратениците кон оваа иницијатива ќе бидат тие кои ќе и кажат НЕ на оваа иницијатива и ќе ги остават на мир нашите рудници да работат, да се развиваат, да создават нови вредности, а градовите и општинит во кои тие се лоцирани да продолжат да живеат.

А во меѓувреме можеби не е лошо да се нарача едно научно истражување. Да се види и научно докаже колкав е животниот век на луѓето од местата кои имаат рудници, а кои користат „опасни“ материи, а колкав е животниот век во Скопје да речеме. Би било од голема важност да имаме и еден таков податок и оваа тема да ја „закопаме“ за век и веков.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе