Цеца го прекина концеротот откако беше исвиркана бидејќи го вееше бугарското знаме среде Велес

Ултра популарната српска турбо-фолк пејачка Цеца Ражњатовиќ, беше принудена да го прекине вчерашниот концерт во Велес, во предвечерието на вториот круг од локалните избори во Македонија, откако беше гласно исвиркана бидејќи развиори бугарско знаме на сцената на кое пишуваше „Цецо, Бугарија те сака“ на српски јазик.

Како што пишуваат дописниците од Велес, бугарското знаме на српската пејачка ѝ го дофрлила верна обожавателка која во рацете имала и букет црвени рози. На едно од видеата споделени на социјалните мрежи може да се види млада девојка со букет рози во првите редови од публиката.

Според македонскиот победник на српското шоу „Ѕвездите на Гранд“, Никола Станишиќ, Цеца била изманипулирана од нејзина верна обожавателка, но друго прашање било „како и зошто“.

Рекацијата на публиката откако најпознатата турбо-фолк пејачка во Србија го развиори бугарското знаме среде Македонија, беше очекувана. Како што се гледа од објавените видеа по тоа следувала канонада свирежи и извикувања. Познатата и многу сакана од страна на македонската публика, Цеца, потоа го крена и македонското знаме, но тоа не помогна многу па мораше да го прекине концертот.

Цеца потоа, во обид да ја смири ситуацијата, се огласи во јавноста преку српските таблоиди велејќи дека „секогаш сум среќна да го прифатам секое знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мојата публика, мојот народ“.

Таа додава оти ѝ било жал ако тој чин повредил некого, навистина не ѝ била таа намерата, особено не да ги повреди или навреди домаќините. Потоа додала оти немало да се занимава со реакциите на социјалните мрежи.

Една друга српска турбо-фолк ѕвезда, Јелена Карлеуша ја критикуваше Цеца за потегот со знамето, но со комплетно лажни обвинувања дека Бугарија го оспорува името и постоењето на државата Северна Македонија.

„Идејата сред Македонија да се нагрнеш со знамето на земјата која го оспорува името и постоењето на државата Северна Македонија, па уште и да го бакнеш (а потоа и да го фрлиш на подот?!). Тоа се нарекува дно. Не глупост или незнаење. Дно“, напиша Карлеуша.

Воопшто не е точно дека Бугарија го оспорува името и постоењето на државата Северна Македонија. Всушност, Бугарија беше првата држава која ја призна македонската независност, а проблем со името имаше Грција. Впрочем, Бугарија го оспорува постоењето на македонскиот јазик.

Инаку, Цеца Ражнатовиќ е сопруга на покојниот Жељко Ражнатовиќ – Аркан, водач на паравоената формација Српска доброволна гарда попознати како „Арканови тигри“. Тој во 1997 година е обвинет од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за злосторства против човештвото и тешки прекршувања на Женевската конвенција извршени за време на војната во Босна. Меѓу другото беше обвинет за убиства со намера, силувања и други нехумани дела и суров третман.

Обвинението беше чувано во тајност до март 1999 година за да се олесни неговото потенцијално апсење, што никогаш не се случи. Аркан беше застрелан во лобито на хотел во Белград во јануари 2000 година. Со неговата смрт, случајот во МКТЈ беше затворен и ниту еден од неговите луѓе не беше суден за злосторствата извршени додека се бореле под негова команда.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press