Македонија повторно ја отвора дипломатската линија со Софија, овојпат во обид директно да се расчистат блокадите што со години го кочат патот кон Европската Унија. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски иницирал официјална билатерална средба со новата бугарска министерка за надворешни работи Велислава Петрова, која треба да се одржи за десетина дена во Шведска, на маргините од состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО.
Поканата доаѓа во чувствителен момент, веднаш по дипломатската непријатност во Брисел, кога Петрова јавно соопшти дека имала официјална средба со Муцунски, иако, според македонската страна, станувало збор само за кратко запознавање. Дополнителен револт во Скопје предизвика и нејзиното обраќање со терминот „северномакедонци“, по што Министерството за надворешни работи испрати протестна нота до Софија.
И покрај тоа, Муцунски вели дека комуникацијата не смее да запре.
„Колку и да имаме различни позиции, дијалогот е неопходен. Разговорите не значат отстапки, туку обид за решавање на проблемите“, порача министерот, додавајќи дека една од клучните теми ќе бидат, како што ги нарече, „неевропските услови“ што ѝ се наметнуваат на Македонија во евроинтегративниот процес.
Од бугарска страна засега нема официјален одговор дали средбата ќе се реализира.
Во меѓувреме, политичкиот судир околу европскиот пат повторно се разгорува и на домашната сцена. Лидерот на СДСМ Венко Филипче смета дека Скопје не треба да ја насочува дебатата кон Софија, туку кон исполнување на условите поставени од Брисел. Според него, идентитетските прашања се веќе затворени со Преспански договор, кој, како што вели, го потврдил македонскиот идентитет и јазик.
Филипче потенцира дека внесувањето на малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско барање.
