Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД ќе испратат уште 5.000 војници во Полска, една недела откако Пентагон го откажа планираното распоредување на 4.000 војници во земјата.
На „Truth Social“, Трамп рече дека одлуката се темели на односот на САД со полскиот претседател Карол Навроцки, кого го поддржал за време на претседателските избори минатата година, објави Би-Би-Си.
Американскиот претседател не даде дополнителни детали за тоа дали новите трупи се дел од претходно планираното распоредување или од друга операција.
Белата куќа во последните недели сигнализираше дека има намера да го намали вкупното ниво на војници во Европа како дел од својата агенда „Америка на прво место“.
Претходно овој месец, САД исто така објавија дека ќе повлечат 5.000 војници од Германија по расправијата меѓу Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц околу војната со Иран.
Трамп претходно го критикуваше Мерц поради неговата сугестија дека САД биле „понижени“ од иранските преговарачи.
Не е јасно дали дополнителните трупи за Полска биле дел од оние што се повлекувале од Германија или биле посебна група.
Тој, исто така, ги критикуваше сојузниците на Вашингтон во НАТО поради нивната неподготвеност да им се придружат на САД во притисокот врз Иран околу Ормутскиот теснец.
Министрите за надворешни работи од земјите членки на НАТО ќе се сретнат во Шведска во петок на самит на кој ќе учествува и американскиот државен секретар Марко Рубио.
