Маалски фестивал 5.0: на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија
Јубилејното петто издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0, ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија.
Оваа година топлиот бран ни го носи МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ во летно издание, вели организаторот. Во текот на трите фестивалски дена посетителите ги очекуваат добро познати маалски програми и лица од претходните изданија, но и нови содржини што ќе го одбележат јубилејот: работилници, изложби, уметност во јавен простор, филм, музика, базар и многу простор за средби и маалска дружба.
„Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија да создава простор за колективно обликување на културата, заедничко учење, меѓугенерациска размена, грижа и забава. Ова лето повторно ве повикуваме да ги запоседнеме маалските простори и да ги исполниме со приказни, звуци, слики и нови заеднички спомени.
Програмата започнува уште на 10 и 11 јуни, од 17:00 до 19:00 часот, со работилницата за креативно пишување „Маалска архива“ во Паркот на Франкофонија. Под водство на Марија Бошковска, учесниците ќе читаат, ќе шетаат, ќе набљудуваат и ќе собираат траги од маалото, од кои ќе создадат фиктивни маалски хроничари и заедничка архива на невидливите истории, комшиските муабети, заборавените простори и сите наши големи и мали соседи.
Во петок, 12 јуни, Паркот на Франкофонија ќе стане простор за заедничко создавање. Од 15:00 часот започнува „Работилница за изработка за све и свашта во маало“ со Никола Писарев, која продолжува и во сабота, од 11:00 до 18:00 часот. Оваа година заеднички ќе изработуваме, дизајнираме и осликуваме куќички за улични кучиња. Куќичките ќе бидат наменети за маалски кучиња за кои соседите веќе се грижат и ги прифатиле како дел од заедницата. Со оваа мала, но важна акција сакаме да потсетиме дека маалото не го прават само улиците и зградите, туку и односите, солидарноста и грижата за сите живи суштества што го делат просторот со нас.
Истиот ден, од 17:00 до 19:00 часот, со Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе ја откриваме „Тајната ботаничка градина на нашето маало“. На оваа работилница за родители и деца над седум години, паркот ќе се претвори во мала графичка лабораторија на отворено. Учесниците ќе ги истражуваат формите, линиите и текстурите на растенијата и ќе ги претворат во ботанички графики, кои на крајот ќе станат дел од заедничка изложба меѓу дрвјата.
Петочната вечер ја резервираме за фотографијата и уметноста во јавен простор. Во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро, ќе биде отворена изложбата „Пркосните 12“,изложба завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија на организацијата ПРКОС, под менторство на Драги Неделчевски“. Изложбата содржи 30 портрети создадени од дванаесетте учесници, кои преку фотографијата изградија простор за комуникација, меѓусебно разбирање и креативно изразување. Изложбата ќе биде отворена до 19 јуни.
Во рамки на програмата „Маалски МУРАЛ“, публиката ќе има можност да го види и новиот мурал на Дејвид Стоилковски. Како автор на повеќе од 80 мурали во Македонија и во странство, Стоилковски создава дела што живеат со околината и секојдневно комуницираат со минувачите, отворајќи простор за нови дијалози надвор од класичните галериски ѕидови.
