„Страв и надеж“ на МНТ дел од јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Македонскиот народен театар на 10 јуни ќе учествува на јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.

Претставата е дел од официјалната селекција на фестивалот и претставува современа сценска приказна за стравовите, осаменоста и неизвесноста на денешниот човек.

МТФ „Војдан Чернодрински“, кој годинава одбележува шест децении постоење, е еден од најзначајните и најреномирани театарски фестивали во Македонија и регионот.

Фестивалот традиционално ги обединува најдобрите театарски продукции, афирмирајќи го современиот театарски израз и создавајќи простор за уметнички дијалог, критичка мисла и промоција на нови естетски вредности.

Учеството на МНТ во официјалната програма на јубилејното издание претставува значајно признание за претставата и потврда за нејзината актуелност и силна сценска порака.

По фестивалското учество во Прилеп, „Страв и надеж“ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар.

Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец – автор кој со својата хиперреалистична драматургија прецизно ги детектира општествените пукнатини на современиот човек – претставата тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, но дејството го поставува во денешницата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press