По доживеаниот дебакл и поразот во баражот со Скопје, во струмичка Брера почнуваат да се опоравуваат од шокот и се подготвуваат за настап на екипата во второлигашката конкуренција.
Од вчера е повлечен и првиот потез а тоа е одлуката околу тоа со кој тренер ќе се оди во новите предизвици и желбата да се врати тимот во елитата. Ѓорѓе Стојчев се враќа на клупата на Брера и со него клубот ги почнува подготовките за новата сезона. Екипата ќе мине низ тектонски промени со оглед на тоа дека многумина од првотимците си заминаа од клубот а „странцците“ имаат билет во еден правез за дома со оглед на тоа дека Брера од следната сезона нема да игра елитен фудбал.
Во фокусот на Брера ќе биде давање шанса на младите фудбалери. Фудбалери во кои е многу вложено и фудбалери кои имаат талент но немаат добиено шанса. Стојчев е дел од академијата на Брера и тренер од Струмица кој добро ги познава сите таленти кои изминативе години минаа низ школата на екипата од овој град. Воедно ова е и тренер кој е асистент во националниот тим до 19 години.
