Почина режисерот Сашо Миленковски

На 63-годишна возраст почина театарскиот режисер Сашо Миленковски.

Роден во Битола во 1963 година, Миленковски зад себе остави богата театарска кариера во која режираше повеќе од 50 претстави, поставувајќи дела од автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет.

Една од неговите најзначајни режии беше праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, поставена во Битолскиот народен театар во 1992 година. Претставата освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а беше изведена и на „Охридско лето“ и на „Млад отворен театар“.

Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во афирмацијата на драмското творештво.

Во текот на кариерата ги режираше и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, „Лични огласи“ од Братислав Димитров, како и „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, поставени во Драмскиот театар во Скопје.

Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“.

Од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година беше драматург во Драмскиот театар – Скопје, каде што активно учествуваше во креирањето на современиот репертоар.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press