Од следната недела новина за сите возачи: Преку мобилен телефон ќе може да ги проверуваат сообраќајните прекршоци

Македонските граѓани од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок, каде е направен и какви докази постојат за него.

Новата дигитална услуга ја најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој информираше дека апликацијата веќе функционира за странските државјани, а наскоро ќе биде достапна и за домашните возачи.

Секој возач ќе може да ги провери своите прекршоци

Одговарајќи на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски објасни дека новата апликација значително ќе го поедностави пристапот до информациите за сообраќајните прекршоци.

„Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите“, изјави министерот.

Преку апликацијата граѓаните ќе можат да добијат увид во евидентираните прекршоци и доказниот материјал, без потреба за дополнителни административни постапки само за добивање на тие информации.

Се очекува дигиталната услуга да го олесни и постапувањето во случаите кога е изречена сообраќајна казна.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе