Уставниот суд на денешната седница го укина Колективниот договор за културата и членот 78-љ од Законот за културата, со одложено правно дејство до април 2027 година.
Одлуката на Уставниот суд стапува во сила по пет месеци, а не веднаш, со цел да се остави доволно време за социјален дијалог меѓу Министерството за култура и синдикатите и постигнување нов колективен договор, усогласен со Уставот и законите.
„При определувањето на одложеното правно дејство на Одлуката, Судот го имаше предвид бројот на вработените кои се опфатени со Колективниот договор, нивната егзистенцијална и финансиска сигурност, како и потребата од обезбедување континуитет во остварувањето на правата од работен однос. Судот спроведе темелна и сеопфатна постапка во која ја оценуваше уставноста и законитоста на Колективниот договор во целина, како од аспект на постапката за неговото донесување, така и од аспект на неговата содржина“, велат од Уставен.
Судот оцени дека не е во согласност со Уставот тоа што со Колективниот договор се конкретизираат и разработуваат прашања кои по својата природа треба да бидат уредени со закон. Имено, Методологијата за пресметување на платите, наместо да биде законски уредена, е утврдена со Колективниот договор, со кој дополнително се определуваат коефициентите и се дефинира системот на плати. Со вакво нормативно уредување, како што се наведува, е доведено во прашање начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Дополнително, од уставносудската анализа произлегло дека начинот на утврдување на основната плата и додатоците на плата во Колективниот договор е уреден различно од начинот предвиден во членот 78-љ од Законот за културата.
Ваквата неусогласеност, велат од Уставен, е спротивна на членот 51 од Уставот, согласно со кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи и со Уставот и со закон.
Судот оцени дека со оспорената законска одредба (78-љ) е засегнато начелото на владеење на правото.
Од содржината на членот 78-љ од Законот за културата произлегло дека законодавецот не ги утврдува суштинските елементи на системот на плати, ниту пропишува јасни критериуми, параметри или ограничувања врз основа на кои би се определувале платите, туку оваа обврска ја пренесува на основачот на јавната установа.
