Штип, 25.07.2023
Синоќа штипјани имаа можност да ги видат римските монети во Брагалничкиот регион кои беа изложени во уметничката галерија „Безистен“. На отворањето на овој настан кој е дел од Штипското културно лето присуствуваше и градоначалникот Иван Јорданов.
Изложбата ја отвори д-р Митко Штерјов, директор на Заводото за заштита на спомениците на култура и Музеј Штип, а за изложените монети зборуваше д-р Гордана Јанева, автор на изложбата.
-Изложени се вкупно 80 монети. На изложбата е презентиран нумизматичкиот материјал од збирката монети од римскиот империјален период на НУ Завод и Музеј – Штип. Иконографијата на изложените монените е внимателно обликувана, аверсната и реверсната типологија на монетите изразува една богата содржина на ликови, претстави и натписи, уметничка компонента карактеристична за римското монетоковање, рече Јанева.
Таа појасни дек во римскиот империјален период на територијата на Брегалничкиот регион, освен регуларните римски изданија, истовремено циркулираат и емисии на римското провинциско монетоковање.
Во една систематизирана целина, проследена со археолошка позадина и нумизматички податоци се добива увид и преглед на монетарните системи, парични единици и оптекот на пари во оваа временска секвенца во Брегалничкиот басен, кој рамноправно учествувал во економската моќ, монетарните врски со големите центри, во рамки на целиот Балкански импорт, како дел од општиот историски развој.
Нумизматичката изложба ,,Римските монети во Брегалничкиот регион” е проект на НУ Завод и Музеј – Штип, финасиран и подржан од Министерството за Култура на РСМ, вклучен во програмата на Штипско Културно Лето 2023.