ДЕЛЧЕВО: Викендов фестивалот на хумор, сатира и карикатура ,,Пијанец 2024″ во чест на творештвото на Толевски и Петровски
Делчево, 25.08.2024
Во организација на НУЦК,,Н.Ј.Вапцаров“, а со поддршка од Министерството за култура викендов во Делчево се одржа Тринаесеттиот по ред Фестивал на хуморот, сатирата и карикатурата.
Во центарот на настанот беа истакнатиот афористичар Васил Толевски и карикатуристот и ликовен уметник Панде Петровски кој има 85 години, а годинава одбележува 65 години плодна работа на ова поле.
За делото на двајцата уметници на хуморот, сатирата и карикатурата зборуваше афористичарот Миле Ѓорѓијоски:
„Панде Петровски е еден од најдобрите претставници на познатата битолска школа на ликовни уметници, но и карикатуристи. Тој 65 години е присутен со својата карикатури, но и афоризми, хуморески и скечеви, на овие простори. Тој е уметник од кого има што да се научи, сатиричар кој има што да каже преку своите афоризми и хуморески“, рече Ѓорѓијоски.
Тој го претстави Васил Толевски како „еден од најпознатите македонски, но и балкански сатиричари“.
„Васил Толевски преку 40 години е присутен и тоа 24/7 со своите афоризми, сатирични коментари, но и како уредник во ,,Остен”, ,,Баканиум”, како подготвувач на алманаси, зборници и антологии на афоризми. Толевски со својата работа, a пред се со своите афоризми, му даде печат на ова наше време, и остави длабоки траги како во македонската, така и во балканската сатира. Тој е човекот кој имаше смелост со своите афоризми да го каже она што обичниот човек се плашеше и да го помисли. Преведуван е на повеќе јазици, добитник на повеќе значајни награди, јас би рекол на сите најзначајни награди во областа на сатирата на Балканот. Васил Толевски беше со нас и на првиот фестивал во 2012, тука и е денес. Кој знае, колку сме жилави ние сатирачатите, верувам дека тој ќе биде тука и на 50 годишнината на овој фестивал“, рече Ѓорѓијоски.
На настанот со свои дела се претстави и Софија Ситновска со нејзините најнови илустрации кои ќе бидат поместени во првата книга со детски епиграми ,, Палави епиграмчиња” која ќе биде издадена во Македонија. Едита Кантурова и Елиса Асанова се претставија пред делчевската публика како илустратори на првата книга со детски афоризми на ромски јазика тие читаа и афоризми од Васил Толевски.
Анастасија Стоименовска, која на 21.08.2024 ја имаше својата прва самостојна изложба во КИЦ ,,РОМАНСА” во Македонска Каменица, се претстави со неколку ликовни дела, а воедно и читаше афоризми од Васил Толевски. Андреа Толевска го изненади Толевски со превод на негови афоризми на англиски јазик. Пред присутните се претстави и Михаела Павловска, добитник на сребрена и бронзена плакета на олимпијадата во Пекинг, Кина и таа читаше афоризми од Васил Толевски. Него го поздравија и негови афоризми и роднокрајните автори Перса Стојановска и Крум Николовски, како и Вања Георгиевска, Андреа Димитровска и Магдалена Георгиевска.