По реакциите, читалницата во „Браќа Миладиновци“ сепак ќе работи нонстоп

Читалницата во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје сепак ќе работи 24/7, откако реакциите од студентите и онлајн петицијата која собра над 1.700 потписи извршија притисок раководството на библиотеката да ја смени првичната одлука.

Како што Мета.мк објави вчера, студентите што учат во читалницата се жалеа дека добиле информација оти по 8 јануари објектот ќе работи со скратено работно време до 22 часот, наместо нонстоп. Рекоа дека ова ги ограничува можностите за студентите кои учат навечер.

„Колоквиумската и испитната сесија многу наскоро ни се ближи. Студентите се претежно вратени во Скопје, и често условите во нивниот дом не им го дозволуваат потребниот мир и амбиент за учење. Дополнително, по 8 јануари 2025 година, читалната ќе работи само до 22:00 часот, што дополнително ги ограничува можностите за студентите кои учат во доцните часови“, се вели во онлајн петицијата во која студентите бараа да имаат можност да учат во читалницата без ограничување на времето.

Мета.мк вчера упати прашања до директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Снежана Стојчевска, за тоа од кои причини читалницата работи со скратено работно време и дали ќе излезат во пресрет на барањата на студентите.

Стојчевска преку кус одговор рече дека стандардното 24-часовно работно време ќе се врати „после празниците“, а како датум го наведе 20 јануари.

Сепак, Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) објави дека од денес градската библиотека повторно ќе работи 24 часа, седум дена во неделата.

„По вашата реакција и пополнетата петиција, УСС-УКИМ испрати барање до Данела Арсовска, градоначалничката на Град Скопје и Снежана Стојчевска, директорката на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, за библиотеката да продолжи да работи 24/7. Со задоволство ве известуваме дека од денес градската библиотека повторно ќе работи 24 часа, седум дена во неделата“, соопштија од УСС УКИМ.

Слични петиции имаше и во јануари минатата година, како и во 2022 година, кога Градската библиотека од непознати причини, во пресрет на јануарската испитна сесија престануваше со 24-часовната работа и ги затвораше вратите порано. По онлајн петициите, и во двата случаја Градската библиотека го продолжуваше работното време според барањата на студентите.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе