Алиу го разреши директорот на Клиника за неврологија, Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, откако на социјалните мрежи стана вирално видео на кое се гледа како директорот меша бела прашкаста материја.

„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, информираа во министерството.

И разрешениот директор на Клиниката за неврологија се огласи на Фејсбук, изразувајќи каење и извинување за постапките.

„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови“, напишал Кузмановски, кој додал и дека е задоволен со резултатите кои ги постигнал со својот тим.

„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, вели Кузмановски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press