Општина Карбинци има потенцијал, на идните советници е да работат напорно на негово искористување за доброто на сите
Интервју со КИРО СТОИЛКОВСКИ, носител на листата на советничката листа на Партијата на пензионери
Карбинци, 14.10.2025
Киро Стоилковски, пензиониран полициски службеник кој во полицискиот сектор ги помина сите скалила-од полицаец до началник на одделението за униформирана полиција во периодот 1984-2014 година е носител на листата за советници на Партијата на пензионери во Општина Карбинци. Тој 10 години беше и секретар на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на Општина Штип, а 4 години ја обавуваше и волонтерската функција претседател на Советот на МЗ Таринци. Со Стоилковски разговараме за неговиот политички ангажман во годините по 2014 кога се пензионира.
Г-дин Стоилковски, кој Ви е поводот да застанете на чело на советничкат листа на ПП?
-Повод за создавање на листа и мое застанување на нејзино чело ми беше пред се потребата со своето искуство и знаење, како моето така и на останатите членови на ПП кои се на нашата листа, да придонесеме за развојот и унапредување на животот во општината, а пред се за највозрасната категорија на граѓани, а тоа се пензионерите но и на сите категории на социјално ранливи граѓани без оглед на националната и партиска припадност.
Карбинци е мала, рурална општина колку тоа може да биде предност при решавањето на клучните проблеми на жителите?
-Да, тоа е точно, Карбинци е една од помалите, рурални општина во државата што според мене за решавање на потребите на луѓето е предност, но во исто време и потешкотија. Предноста се состои во тоа што скоро сите жители меѓусебно се познаваат и одредени потреби скоро да опфаќаат цела месна заедница. Потешкотија ја гледам во делот на водоснабдувањето уличната и канализационата инфраструктура затоа што растојанијата од населенои место до населено место се далеку поголеми, а со тоа поголеми се и трошоците за кои секогаш е потребно да се постигнува општ конзензус во Советот.
Според Вас, кои се приоритетните потреби на чие решавање ќе инсистирата ако бидете избран за советник?
Приоритети им повеќе. Тука би ги ставил:
-Водоснабдување на селата од потплачковичкиот регион
-Во делот на здраствената заштита отварање на амбуланта бидејки пред повеќе од петнаесет години општината имаше амбуланта но истата е укината, иако тоа е голема потреба на населението.
-Возобновување на каналите за наводнување.
-Покренување барање до централната власт за изградба на брана Баргала.
-Каскадно уредување на Козјачка река.
-Отворање на пензионерски клуб во село Карбинци.
– Да се пушти во употреба зградата на пазарот во Карбинци која неупотреблива стои десет години, или да се изврши нејзина пренамена во корист на жителите за што тие сами би се изјасниле…
-Подржување на сите спортски активности од најмладите до најстарите.
-Едукативни предавања на младата популација за пороците на денешнината пред се дрога, алкохол и никотин.
– Развивање и унапредување на соообраќајно техничката култура кај најмладите.
Карбинци е општина како создадена за развој на туризмот-летен и зимски, кои ќе бидат Вашите предлози во оваа насока?
-Точна ви е констатацијата за развојот на туризмот и планинскиот туризам. Во нашата општина се археолошкиот локалитет Баргала познат во светот, тука е и врвот Вртешка на планината Плачковица, кањонот Камник, Козјачка река но, сметам дека сеуште не е доволно направено за развојот и промоцијата на туризмот и историските места при што не треба да го заборавиме ниту археолошкиот локалитет Вршник кој според моите сознанија е една од најстарите населби и е во непосредна близина на село Таринци.
Миграцијата, исселувањето на младите е национален проблем, има иселување и од Општина Карбинци кои политики да се спроведат за решавање на таа голема национална болка?
-Прво би се осврнал на миграцијата село-град која е карактеристика на предходниот систем каде што поголем број на жители ги напуштија селата и отидоа во градот иако истите не се на голема оддалеченост. Вториот миграциски процес е во поновиот период каде што младата популација ја напушта државата и вади карти во еден правец. Според мене овој процес се должи на дел од економска природа но поголемиот дел се должи на долгиот период на партизација на сите пори во општеството, а со тоа изразување на револтот и неправдата пред се кон младите образовани луѓе кои што разбраа дека единствен услов за добивање на работа е партиската книшка и партиските активности. Не сум многу оптимист за задржување на младите, но сепак како локална самоуправа и државата во целина мора тој проблем да се стави на највисоко ниво за решавање, а тоа е создавање на погодни услови за живот и работа и ставање крај на партизацијата при што е неопходно до израз да дојде квалитетот и примена на мерит системот па тој што работи да се награди…
Карбинци е општина чии жители живеат од земјоделие и сточарство. Како овој стопански сектор да се развива повеќе и подобро?
– Така е. Во нашата општина најзастапено е земјоделието и сточарството. За развојот на едното и на другото предлагаме да се превземат неколку мерки, а пред се : формирање на здруженија на земјоделци и сточари каде што членовите здружено ќе настапуваат ќе разменуваат свои искуства и знаења. Потоа: вработување на лице кое добро го познава земјоделието и сточарствотои за тоа да даде на земјоделците директна помош со неговите совети и препораки.
– испитување на почвата со цел точно утврдување што е потребно на истата за постигнување на поголеми приноси
– организирано и планско производство како и организирање на откуп а сето тоа да го работи лицето кое ќе биде вработено
– воспоставување на системи за наводнување зашто без вода нема ни производство
– кај сточарите преку централната власт набавка на приплоден материјал пред се од увоз каде што ќе се зголеми производството на млеко.
Со еден збор обезбедување на услови за производство, а нашиот народ е работлив, а со тоа среќен селанец кој ќе има задача да произведе, а не да го боли глава како да го продаде со што и државата ќе биде среќна.
Што да се направи во делот на културата и спортот?
-Ние сме општина со мешано население (македонци и турци) што е огромно богатство и треба подеднакво да се создадат услови за развивање. За спортот не треба туку мора да се создадат услови да се поттикнуваат од мали нозе за што не треба да се штеди ни време ни средства.