Без поголеми редици гласачи и мирна атмосфера пред и во избирачките места, имаше утрово во основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во скопската општина Чаир. Гласањето се одвива мирно, а членовите на избирачките места рекоа дека избирачкиот процес започнал навреме.
Врз основа на личен документ за идентификација, се прави проверка на електронски уред за идентификација, како и проверка во Избирачкиот список, по што гласачите го остваруваат своето право на глас.
На овие локални избори, се гласа на 3.474 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1.832.415 граѓани.
На локалните избори има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети, со вкупно 10.490 кандидати.
Вчера своето право на глас го остварија затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните лица и лицата во старските домови.