Мицкоски ја славеше победата во Кичево, порача дека е свесен за големиот број граѓани што не излегоа да гласаат
Премиерот Христијан Мицкоски ја славеше победата на ВМРО ДПМНЕ во Кичево, каде како градоначалник во вториот круг беше избран нивниот кандидат Александар Јовановски, кој го победи Фатмир Дехари од Националната Алијанса за интеграција. Јовановски освои над 14.000 гласови, или 2.000 повеќе од Дехари, а излезноста во Кичево беше над 50 проценти.
Мицкоски пред граѓаните порача дека победата на Јовановски е пример за обединување и соживот каде што победила вербата во вредности.
„Победи идејата дека Македонија е дом за сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Победи надежта дека иднината не се гради со поделби, туку со почит и заедничка работа. Таа победа не е само локална, таа е симболична. Таа зборува за Македонија што созрева, за народ што не се плаши да се обедини околу вредностите, а не околу поделби“, порача Мицкоски.
Премиерот посочи дека е свесен за одлуката на голем број граѓани да не излезат на гласање.
„Тоа е дел од демократијата. Но, сакам искрено да им порачам и вашиот глас, и вашата тишина – ги слушнавме“, рече Мицкоски.
