САД и Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија за зајакнување на билатералните економски односи, што ќе им обезбеди на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другите. Како што е наведено во објавата на Белата куќа, договорот ќе ги зајакне трговските односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство меѓу земјите.
Клучните услови на договорот предвидуваат Македонија да ги укине царинските давачки за сите американски индустриски и земјоделски стоки, а САД да ги одржат на 15 проценти реципрочните царини. Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, Македонија да ја подобри енергетската безбедност и да ги диверзифицира изворите на енергија, вклучително и преку купување на американски течен природен гас. Македонија се обврза да не наметнува данок на дигитални услуги и да поддржи усвојување на траен мораториум на царински давачки за електронски преноси во Светската трговска организација
САД и Македонија ќе работат на решавање на загриженоста на САД во врска со нетарифните бариери наметнати од земјава, се обврзуваат да одржат консултации за решавање и спречување на бариерите за американските земјоделски производи на македонскиот пазар и се обврзаа да ја зајакнат економската и националната безбедносна соработка за да ја подобрат отпорноста на синџирот на снабдување и иновациите преку комплементарни активности за справување со непазарни политики на други земји, како и за борба против избегнувањето на давачки и соработка во прегледите на инвестициите и контролата на извозот.
Земјите ќе разговараат за обврските за заштита и спроведување на интелектуалната сопственост, вклучително и за географските ознаки и ќе се ангажираат за решавање на прашања поврзани со трудот, стои во објавата.
За министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски постигнатиот договор меѓу САД и Македонија е важен и значаен исчекор во економската соработка, кој има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.
„Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон“, напиша Муцунски во порака на социјалните мрежи.
