Македонија меѓу водечките земји во светот по намалување на стапката на смртност кај новороденчињата

Македонија е меѓу водечките земји во светот кога станува збор за намалување на смртноста кај новороденчињата и децата под пет години, покажува најновиот извештај на меѓуагенциската група на Обединетите нации за 2025 година, објави министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција.

Според извештајот за 2025 година, земјата се наоѓа меѓу водечките држави во светот во намалување на неонаталната смртност. Стапката на смртност кај новороденчињата за последните десет години е намалена за 87%, од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1000 живородени деца, додека смртноста кај децата под пет години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1000 живородени.

Алиу нагласи дека овие резултати ја потврдуваат ефективноста на здравствената политика во земјата и ја истакнуваат улогата на Министерството за здравство во заштитата на мајките и децата. Тој посочи дека за успехот придонесуваат заедничките активности со Комитетот за безбедно мајчинство, Фондот за деца при Обединетите нации, Светската здравствена организација, Фондот за население на Обединетите нации и други партнери.

Во изминатиот период, беа воведени низа мерки за унапредување на здравствената нега, меѓу кои зајакнување на итната акушерска нега, подобрување на клиничките протоколи, оптимизација на практиките за реанимација и превенција на инфекции кај новороденчињата, како и зголемување на подготвеноста за транспорт. Дополнително, беше имплементиран мастер-планот за перинатална нега 2020-2030, кој предвидува стратифицирана мрежа според ризик и постојано унапредување на квалитетот на здравствената заштита на сите нивоа.

„Овие достигнувања покажуваат дека сме на вистинскиот пат кон обезбедување на сигурна и квалитетна здравствена заштита за мајките и децата“, заклучи Алиу.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press