Ќе се снима биографски филм за Слаткар, објавени филмовите што добија поддршка од Агенцијата за филм

Агенцијата за филм вчера ги донесе одлуките за прифатени проекти по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, за кои се обезбедени 93 милиони денари.

Оваа година за прв пат беше воведен модел на презентација на долгометражните филмски проекти, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите проекти пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и унапредување на процесот на селекција.

Меѓу поддржаните проекти е „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски, режисер на наградуваните остварувања „DJ Ahmet“, „Налепница“ и анимираната серија „Буквождер“. Станува збор за музички филм во продукција на „Синема Футура“, во реализација со копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска.

Поддршка доби и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари, авторот на успешниот филм „Сите го викаат Реџо“, кој беше еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година. Филмот е во продукција на „Лумиере Филм“.

Меѓу избраните долгометражни играни проекти е и „Татко“ во режија на Јани Бојаџи.

Во категоријата долгометражен документарен филм поддршка доби „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, режисерот на светски наградуваниот документарец „Медена земја“.

Поддржан е и документарниот филм „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ кој е биографски музички документарец за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кој ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.

Во рамки на конкурсот беа поддржани и повеќе меѓународни копродукции со партнери од Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press