Силен земјотрес ги погоди јужните Филипини во кој најмалку 15 лица загинаа, а 129 лица се повредени, соопшти полицијата. Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер според Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија имал длабочина од 10 километри. Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Филипините, Индонезија и Јапонија, издадоа предупредувања за цунами.
Земјотресот се случил во близина на брегот на градот Генерал Сантос, кој се наоѓа на Минданао, главниот јужен остров на Филипините.
Филипинските власти наредија евакуација на крајбрежните области. Снабдувањето со електрична енергија и комуникации се прекинати во крајбрежната покраина Сарангани во близина на епицентарот на земјотресот, велат локалните власти.
Јапонија издаде предупредувања за цунами за различни области по должината на нејзиниот брег на Пацификот, од јужните острови Окинава, до префектурата Ибараки североисточно од Токио.
Властите на САД, исто така, предупредија дека можни се широко распространети опасни цунами бранови во следните три часа по должината на бреговите на Индонезија, Филипините, Палау, Тајван и Папуа Нова Гвинеја.
Фердинанд Маркос помладиот, претседателот на Филипините, издаде соопштение за земјотресот, велејќи дека им наложил на сите релевантни владини агенции да дејствуваат веднаш и дека предупредувањата за цунами сега се во сила во неколку крајбрежни провинции во Минданао.
