Патувањето во Европската Унија за граѓаните од земјите од Западен Балкан наскоро ќе бара уште еден чекор – електронско патничко овластување преку системот ETIAS. Иако пополнувањето на апликацијата треба да трае помалку од 10 минути, од патниците ќе се бараат повеќе лични и други информации.
При аплицирањето ќе треба да се внесат основни лични податоци, меѓу кои целосно име и презиме, датум и место на раѓање, пол, националност, адреса на живеење, електронска пошта и телефонски број.
Ќе се бараат и податоци за родителите, доколку се познати, како и детални информации за патната исправа – број на пасошот, датумите на издавање и истекување, земјата и местото на издавање, како и органот што го издал документот.
Ќе се бараат и информации за работа и образование
Формуларот предвидува и податоци за тековниот или последниот работодавач, како и информации за образовната институција или местото каде што апликантот студира.
Патниците ќе треба да ја наведат и земјата во ЕУ во која планираат да пристигнат, како и адресата на првото сместување.
Во апликацијата ќе има и прашања поврзани со безбедносниот и миграцискиот статус. Тоа вклучува информации за одредени претходни кривични пресуди, патувања во области погодени од конфликти и претходни одлуки за враќање.
