Цената на нафтата порасна по американскиот напад врз иранскиот остров Кешм

Цените на нафтата благо пораснаа денеска, откако САД изврши напад врз иранскиот остров Кешм. Ова предизвика загриженост за ескалација на осуммесечниот конфликт и за долготрајни прекини во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.
До 03:55 часот по Гринич цената на американската нафта од типот „West Texas Intermediate“ (WTI) се зголеми за 20 центи, односно 0,21%, достигнувајќи 96,66 долари за барел, додека фјучерсите за нафтата од типот „Брент“ пораснаа за 3 центи, или 0,03%, на 104,8 долари за барел.
Во понеделникот, цените на двата референтни типа нафта паднаа за повеќе од 7%, откако разговорите меѓу иранските и катарските претставници влијаеја на зголемување на надежите за завршување на војната што ја водат САД и Израел против Иран.
Како што објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на американски официјални лица, Соединетите Држави извршиле напад врз иранскиот остров Кешм. Некои од претставниците ги опишаа нападите како одбранбени, со цел да се спречи Иран слободно да напаѓа трговски бродови во Ормускиот теснец.
„Извештајот повторно внесе одредена премија за ризик во цената на нафтата. Токму кога пазарите почнаа да го вкалкулираат очекувањето за подипломатски пристап, овој потсетник за тековните воени дејствија целосно ја промени ситуацијата“, изјави Тим Вотерер, главен пазарен аналитичар во „KCM Trade“.
Сепак, фактот што цените не успеаја да го задржат тој раст, укажува на тоа дека значителна премија за геополитички ризик веќе е вградена во цените на нафтата, вели Пријанка Сачдева, раководител за пазарни анализи во „Филип Нова“. Освен ако нема конкретни докази за дополнителни пречки во физичкото снабдување или во критичната енергетска инфраструктура, само новите наслови во медиумите веројатно нема да бидат доволни за да поттикнат нов скок на цените.
Во меѓувреме, Техеран во понеделникот соопшти дека контактите меѓу Иран и САД за ставање крај на војната продолжуваат, откако неколкудневните разговори на Иран со катарските посредници завршија со изменети предлози, но без суштински напредок.
Во понеделникот, Трамп изрази сомнеж дали ќе ја спроведе заканата за продолжување на воените напади врз Иран и наведе дека е можно постигнување договор со Техеран.
Конфликтот меѓу САД и Иран, кој започна кон крајот на февруари, значително го намали сообраќајот низ Ормускиот теснец, преку кој претходно се одвиваше транспортот на околу една петтина од светските залихи на сурова нафта и природен гас.
Војната со Иран е една од главните причини за високите цени на горивата, што претставува товар за гласачите, па Трамп се соочува со притисок да го стави крај на конфликтот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе