Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека целосно ги обновила своите услуги по техничкиот прекин што предизвика проблеми со пристапот до неколку нејзини најкористени алатки, меѓу кои Outlook, Teams и Copilot, објави Би-Би-Си.
Од компанијата соопштија дека се завршени активностите за отстранување на причината за проблемот и дека корисниците повеќе не би требало да имаат потешкотии при користењето на погодените сервиси.
Прекинот опфати повеќе од 70 земји и предизвика нарушувања во работата на компании, државни институции и индивидуални корисници. Алатките погодени од проблемот ги користат повеќе од 430 милиони луѓе ширум светот.
„Мајкрософт“ им се извини на корисниците, објаснувајќи дека проблемот настанал за време на надградба на мрежниот капацитет. Компанијата нагласи дека прекинот не бил предизвикан од сајбернапад, ниту од дејствување на агент со вештачка интелигенција.
Проблемите првпат почнале да се пријавуваат во четвртокот, кога корисниците забележале отежнат пристап до услугите на Microsoft 365. До петокот, последиците веќе биле почувствувани во бројни институции низ светот.
Меѓу погодените биле јапонската влада, Врховниот суд на Филипините и австралиската разузнавачка агенција, како и железничкиот сообраќај, болниците и судовите во САД.
Услугите почнале постепено да се враќаат во функција во петокот попладне, по британско време, речиси 24 часа откако биле забележани првите проблеми.
