Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг планираат да се сретнат за време самитот во Кина следната недела, соопшти Белата куќа.
Историската средба меѓу лидерите на САД, Русија и Кина ќе се одржи додека Трамп присуствува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот град Шенжен, објави Би-Би-Си.
„Претседателот кажа дека меѓу другите теми, ќе разговара и за намалувањето на нуклеарното оружје во светот, чие ширење претседателот Трамп го смета за многу опасно“, рече портпаролката Оливија Велс.
Трамп ќе пристигне во Шенжен доцна во среда за дводневниот самит. Тој, исто така, ќе учествува во билатералните разговори со Си во четврток, а тоа ќе биде нивниот четврти состанок откако Трамп се врати на функцијата претседател во 2025 година.
„Претседателот Трамп ќе ја заврши својата посета на Кина со трилатерален состанок меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, претседателот на Народна Република Кина и претседателот на Руската Федерација“, рече Велс.
Таа рече дека патувањето на Трамп, кое ќе вклучува и учество на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините во вторник, ќе „обезбеди историски победи за американскиот народ и ќе ги унапреди интересите на Америка во Индо-Пацификот“.
Договорот за контрола на нуклеарно оружје меѓу САД и Русија истече во февруари. ОН ги повика двете страни да се договорат за нова рамка без одложување. Сепак, Трамп рече дека би можел да го замени договорот со подобар договор што ќе ја вклучи Кина.
