Управниот одбор на Енвидија не размислува за враќање на Џенсен Хуанг на позицијата извршен директор, изјавија три лица за Ројтерс. Ова се случува и покрај растечката кампања за негово враќање, која започна само неколку дена откако тој поднесе оставка поради скандали поврзани со вработени и сомневања за врски со кинеските разузнавачки служби.
Повеќе од 180.200 луѓе потпишаа петиција со која бараат враќање на Хуанг, Илон Маск јавно ја поддржа иницијативата, а американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не би имал ништо против Хуанг повторно да стане извршен директор.
Илјадници луѓе, кои се претставуваат како вработени во Енвидија, се приклучија на повикот, иако експерти за корпоративно управување и некои инвеститори предупредуваат дека неговото враќање пред завршувањето на истрагите може да ја изложи компанијата на нови ризици.
Големата поддршка за Хуанг ја претвори приказната за корпоративна смена во тест за тоа дали Енвидија може да се одвои од својот основач. Неговото влијание е длабоко вкоренето меѓу вработените од кои некои се исклучително лојални на поранешниот извршен директор, акционерите, во Силиконската долина, во тајванскиот синџир на снабдување, па сè до Вашингтон.
Највисокиот облакодер во Тајван, „Тајпеј 101“, во понеделникот беше осветлен со пораки, меѓу кои и „Тајван го сака Џенсен“. Некои истакнати акционери, како Гевин Бејкер од „Атреидес менаџмент“ и Бред Герстнер, извршен директор на „Алтиметар капитал менаџмент“ , ја повикаа Енвидија да не брза со негова замена додека не се утврдат сите факти.
„Управниот одбор на Енвидија не размислува за враќање на Џенсен“, изјави едно од лицата запознаени со ситуацијата.
Поддршката за поранешниот извршен директор кој призна дека имал љубовна врска со кинеската деловна жена Алис Хуанг доаѓа во момент кога американските разузнавачки служби сè уште се обидуваат да утврдат каква точно била нејзината поврзаност со кинеското Министерство за државна безбедност и какви информации таа можеби му пренела на Пекинг, велат два извори запознаени со случајот. Според нив, досега собраните докази укажуваат на тоа дека таа веројатно била разузнавачки соработник некој што споделувал информации а не нужно целосно обучен шпион.
Оваа неизвесност предизвика поделби меѓу инвеститорите во однос на иднината на Хуанг и ја отежна потрагата на Управниот одбор по негов наследник. Акциите на Енвидија во понеделникот паднаа за повеќе од 4%, само еден ден пред компанијата да ги објави финансиските резултати за третиот квартал. Откако се појави веста за интимната врска на Хуанг, Енвидија изгуби 800 милијарди долари од својата пазарна вредност.
