„Охридско лето“ со впечатлив концерт во Македонската филхармонија, Патира и Курек ја воодушевија публиката
Виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа приредија впечатлива музичка вечер во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на концертната дејност на НУ „Охридско лето“ надвор од редовната фестивалска сезона.
Публиката имаше можност да ужива во внимателно одбран репертоар, кој понуди дела од различни стилски периоди и ја истакна виртуозноста и музичката интерпретација на двајцата уметници.
Со својата извонредна техника, музикалност и сценска енергија, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која нивната изведба ја награди со долги и громогласни аплаузи.
Особено внимание предизвика музичката комуникација меѓу двајцата уметници, чии изведби се надополнуваа во впечатлива целина, оставајќи силен впечаток кај присутните.
Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Настапувал на престижни концертни сцени во Европа, Јапонија, САД и Мексико.

Радослав Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговата концертна кариера опфаќа настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.
