Пабло Ернандес: Политичките партии се однесуваат како интернет-тролови и сè повеќе користат ВИ за пропаганда

Шпанските граѓани ги делат само неколку дена од предвремените парламентарни избори, закажани за в недела, 29 ноември. Земјата го дочекува изборниот ден во атмосфера на политичка неизвесност, растечко социјално незадоволство и продлабочена станбена криза. Во вакви услови на незадоволство поради зголемените трошоци за живот, премиерот Педро Санчез ги распиша изборите откако неговата Влада не успеа да обезбеди парламентарна поддршка за мерките насочени кон справување со станбената криза.

Покрај политичките ривалства и економските предизвици, предизборната кампања се води и на фронтот на дезинформациите. Лажните вести, манипулациите и политичките наративи што се шират на социјалните мрежи во овој предизборен период, им го отежнуваат на граѓаните пристапот до точни и проверени информации.

За тоа, како дезинформациите влијаат врз јавното мислење, кои се најчестите форми на манипулација за време на предизборна кампања и колку граѓаните се подготвени да ги препознаат, Мета.мк разговараше со Пабло Ернандес Ескајола, координатор за академски истражувања во „Малдита“ (Maldita.es), шпанска организација посветена на проверка на факти, борба против дезинформациите и унапредување на медиумската писменост.

Пабло Ернандес, координатор за академски истражувања во „Малдита“ (Maldita.es), шпанска организација посветена на проверка на факти. Фото: Антонија Поповска

Граѓаните в недела ќе избираат членови на Конгресот на пратеници и на Сенатот. Премиерот Педро Санчез ги распиша изборите на 5 октомври, во услови на политичка криза и масовни протести поради станбената криза. Кои се главните дезинформациски наративи во пресрет на изборите?

На овие избори главна тема е можноста за изборна измама, а со неа се поврзани неколку наративи. Главната разлика во однос на претходните избори е законот познат како „закон за внуците“, кој им овозможува да добијат шпанско државјанство на внуците на луѓето кои биле принудени да ја напуштат Шпанија за време на диктатурата на Франко. Кога се подготвуваше законот, критериумите за апликантите беа прилично ниски – од нив не се бараа конкретни документи со кои ќе докажат дека нивните баби и дедовци ја напуштиле Шпанија. Затоа голем број луѓе поднесоа барања, а доколку добијат државјанство, можат и да гласаат. Врховниот суд одлучи дека овие критериуми не се доволни и им го суспендираше правото на глас на дел од лицата кои поднеле барање, а сè уште не добиле државјанство или го добиле без да ги приложат потребните документи.

Значи, имаме реална ситуација, а луѓето кои сакаат да ги убедат другите дека се подготвува изборна измама ја користат оваа вистинита информација за да создадат сценарио според кое Владата ја подготвува измамата. Тие тврдат дека Владата носи голем број луѓе од други земји, кои всушност не се заинтересирани за Шпанија, и им плаќа за да гласаат за Социјалистичката партија, иако Врховниот суд им го суспендирал правото на глас.

Пред неколку месеци се регулираше и правниот статус на странските државјани кои веќе извесно време живеат во Шпанија, што е уште една основа за ваквите наративи. Се тврди дека Владата носи луѓе од странство за да гласаат за Социјалистичката партија. Станува збор за реални ситуации кои се извадени од контекст за да се убедат луѓето дека сме соочени со масовна изборна измама. Ова се два нови наратива кои се надоврзуваат на традиционалните наративи за изборни измами, како што се, на пример, оние поврзани со начинот на пребројување на гласовите. Официјалното пребројување се врши во судовите, каде што се доставуваат сите гласови. Но, податоците од секое избирачко место се испраќаат и на централно ниво, а технолошкиот систем што се користи за нивно пренесување во изборната ноќ е под контрола на „Индра“, компанија во која државата поседува значителен број акции. Според традиционалниот наратив, „Индра“ манипулира со резултатите. Но, компанијата само ги пренесува. Вистинските резултати се содржани во официјалниот документ, односно записникот што се составува на секое избирачко место. Сите тие записници заедно ги сочинуваат официјалните резултати.

Ако има несовпаѓање меѓу електронски пренесените резултати и официјалниот документ, електронски пренесените резултати немаат никаква важност. Значи, на овој начин не може да се променат изборните резултати. Сепак, на секои избори се тврди дека „Индра“ манипулира со гласовите, бидејќи некои луѓе веројатно сметаат дека Владата преку оваа компанија може да ги промени резултатите. Тоа е невистина која мораме да ја разоткриваме секојпат. Дури и политичките партии кои ги загубиле изборите велат дека системот е безбеден, но овој наратив се повторува од избори во избори. Значи, имаме и стари и нови наративи, но повеќето од нив се поврзани со можноста за изборна измама.

Изборни плакати на Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE – Partido Socialista Obrero Español. Фото: Деспина Ковачевска

Граѓаните се незадоволни поради зголемените трошоци за живот, а тие нивниот револт го искажаа на неколку масовни протести кои се случуваа во неколку градови низ државата во изминатите месеци. Како ова влијае врз политичката клима во пресрет на изборите? 

Тоа е една од клучните теми. Основната порака што доаѓа од десницата е: „Денес живеете полошо отколку пред осум години, кога Социјалистичката партија дојде на власт“. Тоа е една од нивните главни пораки. Од друга страна, една од главните пораки на левицата е дека ги штити граѓаните и се грижи за нивните трошоци за живот. На пример, кога станува збор за домувањето, се обидуваат да ги заштитат луѓето кои живеат под кирија, наместо сопствениците на недвижностите.

Значи, и двете страни на политичкиот спектар ја користат реалната ситуација во која граѓаните одат во супермаркет, се соочуваат со тешкотии при плаќањето и сфаќаат дека цените се многу повисоки отколку пред неколку години. Секој го чувствува тоа кога купува нешто, а двете политички страни се обидуваат да го искористат.

Вие ги истражувате и дезинформациите и начините на кои тие се шират, вклучително и улогата на новите технологии. Ме интересира, како конкретно се користи ВИ за ширење политички дезинформации во актуелната предизборна кампања во Шпанија?

Во оваа кампања имаме нов спој на политички дезинформации и политичка пропаганда. Политичките партии сè повеќе користат вештачка интелигенција за креирање на своите кампањи и за ширење пропаганда. Понекогаш наидувате на содржини за кои не знаете дали да ги наречете пропаганда или дезинформации. На пример, сè почесто се креираат лажни интервјуа со обични граѓани на улица или лажни протести за поддршка на една или на друга политичка партија. Тоа функционира исклучително добро на платформи како „ТикТок“, чиј формат е погоден за допирање до младите луѓе, кои веројатно не сакаат да се информираат преку традиционалните медиуми. Тоа е добар начин да се допре до младиот гласач кој не ги следи традиционалните медиуми, но поминува многу време на „ТикТок“.

Таканаречените „фрутиновели“ (frutinovelas) стануваат сè попопуларни на „ТикТок“, тоа се кратки, хумористични видеа создадени со помош на ВИ. Но, зад овие навидум забавни содржини понекогаш се кријат политички пораки, стереотипи и говор на омраза. Како овие трендови се злоупотребуваат за ширење политичка пропаганда и за манипулирање со јавното мислење и зошто е толку тешко да се разоткријат ваквите содржини?

Мислам дека е интересно како на социјалните мрежи се комбинираат алатките на вештачката интелигенција и хуморот. Нам, како проверувачи на факти, ни е потребно конкретно тврдење што ќе го истражиме, нешто опипливо од кое ќе тргнеме. Едно од нештата што ги увидовме е дека луѓето кои шират дезинформации, водени од идеолошки или политички цели или со намера да шират говор на омраза, можат совршено да ги приспособат своите пораки на формати кои првично биле создадени исклучиво за забава.

Примерот што постојано го користам се овошните теленовели на „ТикТок“. Можеби веќе не се тренд, но пред неколку месеци луѓето почнаа да создаваат пародии на оние телевизиски серии со многу епизоди и многу драма, во форма на кратки вертикални видеа: сопругата го изневерува сопругот со тренерот, таа е бремена, а сопругот не знае ништо. Но, ликовите беа овошја, на пример, јагода со човечко тело и глава во облик на јагода. Беше забавно и сите се натпреваруваа кој ќе создаде најсмешна ситуација со бананата и јагодата. Овој формат се користеше и за прикажување љубовни афери, дури и за напади врз политичките противници. Потоа почнаа да го користат за ширење расистички содржини. Еден пример е лик во облик на брокула, бидејќи луѓето кои ги напаѓаат имигрантите го користат изразот „глава како брокула“, алудирајќи на нивната коса. Користеа и друг лик, портокал облечен во дресот на шпанската фудбалска репрезентација, и создадоа сценарио во кое имигрантот му краде нешто на Шпанецот, а полицијата, наместо да го уапси имигрантот, го апси Шпанецот.

Од наша гледна точка, ние не можеме да го побиеме тоа. Не можеме едноставно да кажеме дека ликот во облик на портокал не е вистински. Сепак, наративот се шири: имигрантите ги злоупотребуваат и ги ограбуваат шпанските граѓани, а полицијата не презема ништо.

Како да побиете анимирано видео во кое брокула краде? Тие го пронајдоа совршениот начин да бидат дел од предизборната кампања, без да преземат одговорност за она што го кажуваат. Има многу маневрирање во оваа сива зона меѓу забавата и информирањето, меѓу политичката пропаганда и интернет-тролањето. Луѓето кои сакаат да манипулираат со другите на социјалните мрежи постојано ги испитуваат границите: ова е мислење, ова е манипулација, ова е дезинформација, ова е говор на омраза, а ова не е.

Објавивме серија текстови за она што го нарекуваме „поп-фашизам“, анализирајќи како ликовите на Франко, Хитлер или Мусолини се користат во хумористични мемиња и шеги на социјалните мрежи. На тој начин, вие не го поддржувате директно нацизмот, но го нормализирате. Создавате содржини за млади луѓе кои веројатно не знаат кој навистина бил Хитлер, а сликата што ја добиваат за него е забавна. Можеби на крајот ќе помислат: „Па, Франко и не бил толку лош“. Веројатно не користите експлицитни дезинформации за да го постигнете тоа, туку други техники кои можат да бидат особено ефикасни кај младите луѓе.

Колку граѓаните на Шпанија им веруваат на медиумите и на проверувачите на факти?

Извештајот за дигитални вести (Digital News Report) покажува дека довербата во медиумите варира. Извештајот не се однесува конкретно на проверувачите на факти, туку на медиумите, а бројот на луѓе кои немаат доверба во нив е поголем од бројот на оние кои им веруваат. Она што, според мене, е најзагрижувачко е што, кога ќе ги анализирате податоците според возраста, ќе видите дека недовербата кај младите е голема. Минатата недела имав презентација, па ги имам податоците на ум: кај младите на возраст од 18 до 24 години, 25 отсто им веруваат на медиумите, а 48 отсто немаат доверба во нив, речиси двојно повеќе.

Како би можело да се реши ова? Мислам дека медиумите не си ја вршат добро работата, од повеќе причини. Некои од нив се економски, на пример, а можеби едноставно не успеваме да функционираме во свет во кој конкуренцијата е толку голема. Пред 30 години, ако се обидувавте да продадете весник, конкуренција ви беа другите весници на киоскот. Денес, ако сакате да бидете успешни на социјалните мрежи, се натпреварувате со сите останати кои се присутни таму, не само со новинарите. Кога ќе ги прашате младите од каде се информираат, тие велат: „Од ТикТок“. Но, „ТикТок“ не е извор на информации, туку платформа. Кој извор на информации го користите на „ТикТок“? Тоа, всушност, не ги интересира многу. „Ме интересира политика“, па алгоритмот го препознава тоа и ви нуди голем број содржини. Но, дали обрнувате внимание на изворот? Веројатно не. Всушност, не знаете кој стои зад информациите, а токму тоа е проблематично. Од една страна, содржината е совршено приспособена на платформата, станува збор за видео, го користи вашиот јазик и лесно се восприема. Од друга страна, можеби некој се обидува да манипулира со вас.

Уште една важна работа е тоа што новинарите мора да ги проверат информациите пред да ги објават, додека луѓето на социјалните мрежи можат да кажат што сакаат, без обврска да го проверат кажаното. Степенот на одговорност е различен. Еден од големите проблеми е што младите на „ТикТок“ се поистоветуваат со извор на информации кој не ги проверува фактите: „Тој зборува на мојот јазик. Ќе обрнам внимание на она што го кажува и ќе му верувам“.

Ако сакате да ширите дезинформации и да манипулирате со овие луѓе, што ќе направите? Ќе се обидете да се претставите како некое младо момче. Од гледна точка на медиумите, кога треба да избирате меѓу кликовите и довербата, доколку сте во добра финансиска состојба, можеби ќе ја изберете довербата. Но, доколку на крајот на месецот треба да им исплатите плати на сите вработени, а зависите од реклами, тогаш можеби ќе изберете сензационалистички наслови за привлекување кликови. Од гледна точка, пак, на луѓето кои шират дезинформации, информацијата е непријателот, па затоа ве напаѓаат. Како проверувачи на факти, постојано се соочуваме со тоа. Ако проверите некое тврдење, ќе ви кажат: „Вие сте лажговци. Вие сте дел од Владата, таа ве плаќа, вие сте марионети на политичарите“.

Медиумите се под удар на голем број луѓе кои сакаат да ги убедат другите дека нивното алтернативно гледиште е единственото исправно и дека медиумите постојано манипулираат со граѓаните. Таквиот дискурс влијае и врз начинот на кој луѓето ги доживуваат медиумите. Тие се информираат на поинаков начин и не им се допаѓа многу она што медиумите во моментов го произведуваат.

Предизборните кампањи се сè повеќе под влијание на дезинформациите, политичката поларизација и ширењето манипулативни содржини на социјалните мрежи. Сето тоа може да ја поткопа довербата на јавноста во демократските институции и во изборниот процес. Во оваа смисла, што сметате дека е најголема закана за слободни и фер избори во Шпанија овојпат?

Кога почнувате да сеете сомнеж во начинот на кој функционира изборниот процес и во начинот на кој институциите го спроведуваат, можно е луѓето кои ги шират таквите сомнежи да следат одредена стратегија за овие избори. Но, доколку граѓаните почнат да ја губат довербата во изборите, ќе имаме голем проблем во иднина. Ако десницата победи на овие избори, тогаш на следните избори сите ќе ја играат истата игра: „Не верувајте во изборите, Владата манипулира со нив“. Зошто да не го прават тоа? Другата работа, која станува сè полоша, е тоа што политичката дебата и стратегиите за ширење пропаганда сè повеќе се приспособуваат на она што се случува на социјалните мрежи, каде што има многу тролање, хумор, сарказам и жестоки напади врз противниците. Можеби ваквото однесување, било добро или лошо, може да го прифатиме од обичните граѓани или од анонимните профили. Но, официјалните профили на политичките партии се однесуваат како интернет-тролови, а тоа не е добро.

Она што го очекувам од политичарите е дебата за идеи, а не навреди упатени кон спротивната страна. Кога ја играат оваа игра под сопственото име, под името на својата партија, како министри или како претседатели на пратенички групи, не сакам моите политички претставници да се однесуваат на таков начин. Сакам да зборуваат за економијата, за јавните политики. Можеби таквата дебата е здодевна за социјалните мрежи, но повеќе сакам здодевна дебата отколку вакво тролачко однесување. Тоа може да има негативни последици во иднина. Ако Доналд Трамп се однесува на ваков начин на социјалните мрежи и победува на избори, каква поука извлекуваат политичарите ширум светот? „Да го правиме истото“. Колку повеќе ваквото однесување дава резултати, толку е поголема веројатноста и другите да почнат да се однесуваат на истиот начин, а политичката дебата да се сведе на натпревар за тоа кој е најдобриот трол. Тоа не е она што го очекувам.

Значи, има два клучни проблеми: нападите врз изборниот процес, кои се опасни, и политичката дебата, која станува сè полоша. Сепак, дали очекувам фер и демократски избори? Мислам дека да.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе