Инцидентите поврзани со руски саботажи во Европа се зголемиле за 16 отсто во периодот до септември годинава, при што сè пообучени оперативци користат посложени експлозивни методи, се наведува во извештајот на Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС).
Клучните сојузници на Украина ја обвинија Москва за водење кампања низ Европа, која вклучува напади со беспилотни летала и сајбер-напади, со цел да се попречи нивната поддршка за Киев, меѓу овие инциденти е и обидот за напад со беспилотно летало на аеродромот во Лајпциг во август.
Москва ги отфрли обвинувањата од западните влади и разузнавачки служби.
Од ИИСС наведуваат дека, иако најголемиот дел од операциите сè уште ги извршуваат необучени регрути, постои и група со одредено ниво на обука која користи посложени методи, вклучувајќи импровизирани експлозивни направи со временски детонатори и детонатори на далечинско управување.
„Апсењата ги отстрануваат посредниците, но е малку веројатно дека ќе ги одвратат руските разузнавачки служби кои ги насочуваат“, се вели во извештајот.
Според аналитичкиот центар, Германија и Полска ќе останат држави кои се најчеста цел, бидејќи нивните транспортни, логистички и индустриски мрежи се клучни за снабдувањето на Украина.
На 4 август во Лајпциг, во близина на украински товарен авион „Антонов“, кој се користел за воен транспорт, било откриено беспилотно летало наполнето со експлозив. Истражителите се сомневаат дека второ беспилотно летало се судрило со товарен авион на ДХЛ, кратко откако аеродромот ги прекинал операциите.
Аеродромот претставува центар за товарен и воен логистички транспорт, кој го користат НАТО и украинската авиокомпанија „Антонов ерлајнс“ за испорака на воени материјали.
„Нападите врз критичната инфраструктура особено воено-индустриската и транспортната сочинуваат повеќе од половина од евидентираните инциденти во периодот од октомври 2025 до септември 2026 година“, наведуваат од ИИСС.
Во вторникот, Велика Британија ги предупреди одбранбените компании кои соработуваат со украинската војска дека се соочуваат со зголемена закана од руски саботажи.
Руската амбасада во Лондон тогаш изјави: „Русија нема планови, причини ниту намери да ја нападне Обединетото Кралство“.
Минатата година, група британски државјани беа осудени на затворска казна за подметнување пожар во деловен објект поврзан со Украина, според британските власти, нападот бил извршен по налог на Москва. Во септември, едно лице беше обвинето за доставување детали за фабрика за беспилотни летала до руските разузнавачки служби.
