На 29 ноември македонска премиера на „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски

На 29 ноември новиот филм на Милчо Манчевски ќе ја има македонската премиера во Скопје. „Сестра, брат и шахта“, добитникот на Гран при во Токио и само втор филм во историјата на Македонија (после „Пред дождот“) што победил на фестивал од А категорија, ќе се претстави за првпат пред македонските гледачи.

Гала премиерата и црвениот килим се најавени за големата сала на Македонската филхармонија, како што беше случај со последните три премиери на Манчевски.

„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, изјави режисерот Манчевски.

Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, кои го создадоа филмот, вклучувајќи и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија.

Присуството го потврдија 24 странски амбасадори во Македонија, претставници на државниот врв, како и бројни видни граѓани.

За потребите на премиерата, специјално, привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.

После главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалите во Каиро и во Белград.

Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе