Двајца вработени на „Лекари без граници“ загинаа во израелски напад врз клиника во Газа

Двајца вработени во медицинската хуманитарна организација „Лекари без граници“ загинаа во израелски напад во Газа, соопшти организацијата. Од таму наведоа дека нападот бил директен удар врз една од клиниките на организацијата, чија локација ѝ била позната на израелската војска.

Во соопштение, Израелските одбранбени сили (ИОС) изјавија дека двете лица биле оперативци на Хамас, кои дејствувале како чувари во клиника управувана од „Лекари без граници“. ИОС додадоа дека нападот не бил насочен кон болница и дека не предизвикал штета на медицинската инфраструктура.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека нападите врз здравствените установи и здравствените работници во Газа се скандалозни и неприфатливи.

Во објава на платформата Икс, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус напиша: „Оние што ги ризикуваат своите животи за да спасат други, мора да бидат заштитени, а не напаѓани“.

Во своето соопштение, „Лекари без граници“ наведе дека двајцата загинати вработени биле чувари, додавајќи дека со овој напад бројот на нивни колеги загинати во Газа се искачи на 17.

Од организацијата изразија длабока потресеност и револт, додавајќи: „Нашите простории беа јасно означени со логото на „Лекари без граници“, а нивната локација ѝ беше соопштена и позната на израелската војска“.

Во сопствена објава на X, ИОС наведоа дека двајцата мажи идентификувани како Ахмед Суфјан Мухамед Али Абу Хасира и Моаз Јусеф Алицбах  биле терористи во военото крило на Хамас.
Израелската војска додаде дека ова е уште еден пример за тоа како Хамас се вгнездува во меѓународни организации.

Оттаму велат дека пред нападот врз градот Газа биле преземени мерки на претпазливост за да се минимизира штетата врз цивилите, додавајќи дека мажите имале разработени планови за изведување напади врз израелски цивили и војници на ИОС.

Сведоци изјавија за Би-Би-Си дека двајцата мажи седеле на влезот од клиниката кога се спуштило израелско беспилотно летало и испалило проектил.

На видеоснимките од местото на нападот се гледа мал кратер до пластичен стол, траги од крв и помали оштетувања во дворот зад медицинската клиника. Стотици Палестинци присуствуваа на погребот на работниците од организацијата „Лекари без граници“ , носејќи ги на раменици двете тела  завиткани во бели пластични кеси и поставени на носила  додека се движеа низ градските улици.

Мохамед Имад, близок пријател на Абу Хасира, еден од загинатите, изјави дека го видел само неколку часа пред нападот. „Тој беше мирен и добродушен човек. Единствена грижа му беше да се грижи за сопругата, двете деца и мајка си“, рече тој за Би-Би-Си. Тој додаде дека Абу Хасира немал никакви врски со ниту една вооружена група и долго време работел во клиниката.
Смртта на двајцата работници доаѓа во време на зачестени израелски напади низ Газа во текот на изминатата недела.

Портпаролот на цивилната одбрана во Газа соопшти дека во текот на денот, во израелски напади низ Појасот, загинале осум Палестинци, меѓу кои и двајцата работници од „Лекари без граници“.

Насилството во Газа продолжува и по договорот за прекин на огнот од октомври минатата година, постигнат со посредство на САД меѓу Израел и Хамас. Израелските напади се случуваат речиси секојдневно во областите под контрола на Хамас, каде што живеат 2,1 милион луѓе, од кои повеќето се раселени.

Според Министерството за здравство во Газа, кое е под управа на Хамас а чии податоци ОН ги сметаат за веродостојни во изминатите 13 месеци во Газа загинале најмалку 1.705 луѓе.

Хуманитарната ситуација останува исклучително тешка; обилните дождови претходно овој месец предизвикаа поплави и оштетувања на десетици илјади засолништа за раселените семејства.

ОН и нивните партнери упатија апел до Израел кој ги контролира граничните премини кон Газа да дозволи влез на поголеми количества помош за да им се помогне на Палестинците да се подготват за зимата. Ова вклучува шатори, грејни тела и пумпи за вода, како и вакцини и лекови за борба против заразни болести.

Војната во Газа започна по нападот врз јужен Израел, предводен од Хамас, на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе, а 251 лице беа земени како заложници.

Според податоците на Министерството за здравство, оттогаш во израелските напади во Газа загинале повеќе од 74.770 луѓе.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе